Неолитот во битолско

Категорија: Праисторија / Prehistory

        Најстарата култура пронајдена во нашата околија е според првично најдените локалитети, т.н. Велушко - Породинска културна група од времето на неолитот, што не значи дека и реално е најстара на ова тло, кога ја имаме предвид населеноста на Балканот во многу пораните времиња. Археолошките истражувања во нашата држава се одвиваат во многу краток период, со недоволна екипираност и мали финансии, што е главно причина големи делови од нашата историја да недостасуваат.

         Пелагониската рамница за времето на неолитот била особено погодно тло за опстанок. Широка во просек околу 20, а долга 100 км, пресечена со Црна река и нејзините бројни притоки, опколена со ридести предели кои преминувале во масивни планини, била вистинска скриена оаза за непречен живот и развиток на популацијата. Барите околу Црна река и шумскиот околен ридест предел, биле преполни со флора и фауна, така што било погодно тло за лов, риболов, собирање на плодови, и обезбедување потребни суровини во секојдневниот живот (дрво, камен, и сл). Земјата се обработувала во деловите каде мочуриштето не загосподарило, во средишниот појас помеѓу Црна река и ридовите, на плодната пелагониска почва сочинета од дебели слоеви на тиња создадена од пред исушувањето на езерото кое овде се простирало во времето на терциерот. И населбите главно се подигале на истите суви места погодни за живот и подалеку од опасниот животински свет кој живеел во горјето и планините.
         Населбите најчесто биле во кружна форма, и со големина 200-300 м во дијаметар, или површина од 3-4 хектари. Денес, од многубројните фази на градење и повторно населување, се препознатливи низ рамното тло на котлината како вишнатинки, мали ритчиња високи од 1 до 5м, низ народот познати како места наречени тумби. Поретки се населбите покрај рачните долини, сместени на повисоки, природно терасести места. Куќите во кои живееле, биле правоаголни (со просечна големина 5х8м), или поретко трапезоидни (7х5х5м), градени од дрвена конструкција со дебели колци-носачи поставувани на далечина од околу 1м, меѓу кои хоризонтално се редени дрва поврзувани веројатно со коноп од лика и над тоа, од двете страни на ѕидот се премачкувани со слој на кал. Покривите имале јака конструкција од дрвени греди кои најверојатно биле покривани со слама. Во некои случаи куќите можеби имале квадратна основа и куполест покрив (Тумба -Добромири). За прозорци имале кружни или квадратни отвори. На оџакот најверојатно била претставена богинката - заштитиничката на домот.
        Куќите биле прилагодени за една фамилија и обично имале по 2 простории, централна, каде престојувала и ноќевала фамилијата и помала, на бочната северната страна, каде воглавно се чувала храната, често сместена во големи глинени грнци. Влезот бил на источната страна, а наспроти него имало изградена печка, налик на современите камини.    Внатрешните ѕидови биле премачкувани со бела боја, а надворешните замазнувани и често украсувани со пластични додатоци, како на пр. декоративна плетенка, ленти кои обликувале симболични претстави, и сл. Подовите биле од набиена глина, или често имале дрвена супструкција премачкана со глина.
        Предметите и биолошките остатоци најдени при ископувањата најдобро зборуваат за животот на овдешното население. Дека се занимавале со земјоделие сведочат најденото јагленисано жито, во помала количина јачменот, отисоците од плева во куќниот лепеж, големите керамички садови за чување жито, т.н. питоси вкопани в'земја, како и дворните јами -силоси. За да добијат брашно, житото го толчеле во камени авани и го мелеле со рачни мелници. Земјените печки за леб биле сместени во дворовите.

26
Велушка Тумба, сПородин

27
ПРАИСТОРИСКИ ЛОКАЛИТЕТИ ВО ЦЕНТРАЛНА ПЕЛАГОНИЈА

 

28
Жртвеник - Тумба, Породин

29_
Жртвеник - Велушка Тумба, Породин
Доста податоци за изгледот на неолитските куќи од т.н. Велушко - породинска културна група, добиваме од малите макети на куќи од глина направени од страна на тогашните жители со религиозна цел, некоја врста на денешните кандила, кои ги имало во секоја куќа и симболично ја чувале благосостојбата на домот.

30
Тумба, Добромири
Артефакт на претстава на куќа без покрив, со ѕидови чиј горен дел е назабен со цел да се покажат лежиштата на покривните греди, со печка - камин во централната просторија и на бочниот ѕид во помалата просторија, кружен прозорец. Најден е во Тумба, Породин.

31
Камин-печка поставена наспроти влезот на западниот ѕид

32
Рани земјоделски алатки
Луѓето почнале да се занимаваат со земјоделие пред околу 12.000 год. Можноста да го контролираат снабдувањето на храната, ги одделиле луѓето од номадскиот начин на живот, што подоцна ја услови појавата на поголемите населби и градовите. Овие први земјоделски алатки се од пред околу 6.000 години. Сликата покажува една секира (долу), употребувана за расчистување на теренот од дрва; кремен-срп (лево), користен за жнеење жито (до него се првите метални српови кои се јавуваат подоцна - пред околу 3.000 год); Рамна камена плоча и тркалезен камен (во центарот), употребувани за мелење жито; и продупчени глинени плочки (горе десно), користени за довод на воздух во печките за леб.

33
Изработка на секира од тврд камен со стружење - мазнење

34
Правење на кремени алатки
Процесот на правење алатки се развил уште пред 40.000 години, со неколку фази во обработката. (1) Co камен во рачна големина, се оформува рамна платформа со отцепување на горниот дел од кремениот камен. (2) Користејќи дрвен чекан или коска, се удира на работ од платформата, при што се одделуваат оштри парчиња од кременот. (3) Користејќи повторно рог или животинска коска, се ретушираат издвоените парчиња со отстранување на мали делови од кременот со цел да се дообликува алатката.

35
Алатки од кремен камен од праисториските населби во Пелагонија

36
Алатки од коска (повеќе типови на шила, една коскена стрелка и 2 кремен стрелки)

37
Шило и мала шпатла од коска

38
Стилизирана глинена фигура на говедо
 
39
Керамична глава од коза

40
Керамична фигура на овца
 
41
Керамична фигура на куче
Мали фигури на домашни животни биле користени во религиозните и магијските ритуали со цел да се одржи и зголеми придонесот во сточарството


        Алатите со кои ја обработувале земјата биле направени од камен и дрво. Секирите и теслите направени од тврд камен обликувани и острени со стружење и мазнење, вглавувани во дрвена дршка, служеле за сечење дрва и расчистување на теренот. Земјата ја обработувале поткопувајќи ја со прилагодени прачки, или правеле дрвени мотики, а можеби и примитивен плуг. Поради трошноста на дрвениот материјал вакви предмети не се најдени, но имаме слични примери во резбариите или рељефите изведени во тврд материјал сочувани од други култури. Житото, или другите растителни добра ги приготвувале за храна сецкајќи ги со мали кремени режачи вглавувани во дрвени српови или со поголем кремен нож зацврстен на дрвена дршка. Најдените животински коски докажуваат дека чувале припитомени говеда, овци и кози. Освен со земјоделие и сточарство се преранувале и со лов (птици, зајаци, елени), риболов и собирање диви плодови. Во голем број се најдувани керамични куглички за прачка, кои претставуваат мали, проектилни направи за ловење птици и помали животни.
        За постоење на текстилниот занает, зборуваат отисоците на текстил врз некои од глинените садови и глинените тегови за разбој и пршлени за вретено. Археолошки примероци кои што би го појасниле начинот на облекување на овдешната популација, засега немаме, но, најверојатно носеле волнена и кожена облека, прилагодена за поладно и потопло време.

42
Рачно мелење (дробење) на жито - на камена плоча со притисок се тркала помал цилиндричен камен
 
43
Првобитен плуг направен од дрвени прачки
 
44
Земјаната печка за леб прво се загревала со силен оган од прачки и слама (1), после согорувањето се отстранувал гарежот (2), и во вжештената внатрешност се внесувал лебот.

 

45

Разбој за ткаење

 

        Дека ce грижеле за својот изглед и сакале убаво да изгледаат, дознаваме од малите човечки фигури изработени од глина, на кои се прикажани разни комплицирани фризури, како и накит од обетки и гердани.

 

46

Помлада дама со фризура од три кокчиња, две од по страните, една позади на тилот, обликувани во двојни топчиња; Тумба, Породин

 

47
Неолитска госпоѓа со коса собрана нагоре и од неа формиран венец од топчиња; Тумба, Оптичари.

 

48

.Луѓето од пред 5000 год се украсувале со обетки и ѓередани изработени од различни материјали: коска, керамика, кожа, некои растителни семиња, школки, камени геми исл.
Овие примероци се антропоморфни претстави (големата богинка заштитничка на домот) на оџаците од куќите - модели. Горниот примерок е најден во лок. Тумба, Оптичари, а долниот на лок.Тумба, Породин


        Пелагонците од младото каменото време биле исто така многу вешти керамичари. Иако колцето се уште не било познато, изработувале убави грнци со многу тенки ѕидови, прекрасно обликувани и естетски декорирани. Главно имале два типа на грнчарија: за секојдневна употреба и за религиозна, односно, култна намена. За секојдневните потреби во домаќинството се изработувале различни садови: грниња за готвење или чување течности и зрнеста храна, чинии за јадење, чаши за пиење, садови во секакви големини за различни потреби, големи грнци за чување храна, лажици и сл. Овие садови често се декорирале со грубо нафрлање на слој разматена глина на долниот дел, со што се обликувале рељефни украси (т.н. барботин техника), со глинени налепци како пластични украси, или со декорација направена со втиснување нокти во уште неисушената глина (импресо техника). Боените, фино изработените садови, се користеле во култните обреди и религиозните церемонии кои биле неизоставен дел од тогашниот живот. Тие се одвивале доста често за различни цели, некои и секојдневно, во зависност од животната потреба. Co принесување храна и сакрални содржини во овие садови, преку строго одредени обреди, се здобивала наклоноста на боговите за да им помогнат на луѓето во годишниот земјоделски и сточарски принос, во одржувањето на благосостојбата, мирот и среќата во куќата, за успех во ловот, за добра берба, за успешно печење на грнците и сл.
        Во боењето на садовите користени се само две бои: црвена и бела, што ја истакнува нивната симболична вредност. Co црвената се премачкувал целиот сад, a со белата се оформувала шарата и се изведувале симболите. Црвената, бојата на крвта, го симболизирала животот, материјалното, видливото. Белото, бојата на невиноста, етеричноста, нематеријалниот, невидливиот свет на духовноста, ја симболизира енергијата, движечката сила на егзистенцијата. Накратко, преку овие две бои и симболите што со нив се изведувале, претставен е дуализмот на материјата и духот, филозофско-теолошко гледиште актуелно до ден денеска.

49
Сликана керамика користена во религиозни церемонии од локалитетите Велушка Тумба и Тумба, кај с. Породин
 

50

Керамика за секојдневна употреба во домаќинството од локалитетите Велушка Тумба и Тумба, кај с. Породин


        Постојаната алтернација на црвеното и белото го симболизираат неизменичното делување на двата животни принципи, материјата и духот, нивната поврзаност и взаемно надополнување, од што зависи постоењето на светот, животот, земјата. Ваквото филозофско гледиште, во својата искреност толку очигледно прикажано во апстракните шарки на грнчаријата, генијално во согледувањето и едноставното прикажување на сфаќањето за основните принципи на постоењето, може само да не воодушеви и можеби да разбуди кај нас сомнеж за достигнат разумен напредок кај човекот во овие изминати 7.000 години.
        Во врска со религиозните обреди се и малите куќни жртвеници во кои се принесувале дарови или се палеле миризливи и сакрални тревки во чест на боговите. Највпечатливи се жртвениците кои ги претставувале во мало куќите во кои живееле: под нив се ставал постаментот во кој се палел волнениот конец натопен во сакралното растително масло или сакралната животинска маст. Оџакот на овие куќички, бил претставен како женска глава. Во примерокот од лок. Горев Рид, во с.Суводол (сега уништен од рудникот за јаглен) на оџакот е претставена горната половина од телото на женатадака да долната половина се прелива во самата куќа, и на тој начин домот се претвара во внатрешноста на мајчината утроба. Така домот би требало да е олицетворение на безбедноста и благосостојбата, како што сеуште нероденото дете е безбедно, нахрането и задоволно во топлината на мајчината утроба. А во случајот, тоа е Големата Богинка, Големата Мајка, Заштитничката. Во нејзина чест, се вршеле обреди, се принесувале дарови, се палеле кандила.
        Повеќето од антропоморфните фигурини најдени во населбите од Велушко-Породинската културна група ја претставуваат жената, прикажана натуралистички или шематизирано, најчесто без облека. Дали се тоа претстави на богинки, како напр. богинката на плодноста (бремена жена), главната богинка -Господарката (седната на трон), богинката на еротиката (со нагласени женски карактериститки), или само уметнички претстави на жена, со точност ќе се одреди кога ќе се истражи поголем дел од населената површина со што ќе се покажат околностите во кои фигуринките се поставувани и чувани.
         За богатиот обреден живот зборуваат многубројните домашни жртвеници во различни облици. Овде се и жртвениците на четири нозе, со еленски глави и долги вратови, со претстава на куќна печка, што го одредува еленот како заштитиник на огнот, светлоста, топлината, благосостојбата. Жртвеникот во облик на бик, зборува дека бикот претставуавл атрибут на силата, плодноста, богатството и благосос-тојбата. Затоа глинени претстави на глави од бик биле ставани пред влезот во куќата. Овде се и троножните мали жртвеници со или без човечки претстави, четириножните жртвеници со плиток реципиент, малите жртвеници - куќите без покрив на чудни назабени ноѕе, и др.
        Природната затвореност на Пелагониската котлина условила културата на неолитските населби да добие еден специфичен, истаканато локален развој, надвор од различните културни струења. Во еден таков непречен живот оваа племенска заедница која условно ќе ја наречеме pelagonci, создала една оргинална, високо софистицирана култура, со комплексни филозофско-религиозни сфаќања и одговорен однос кон животот. Во склопот на Балканско-анадолскиот културен комплекс на неолитските култури, се издвојува со својата оргиналност и убавина. Јавувајќи се кон крајот на раниот неолит и егзистирајќи низ средниот, (5.500- 4.500 г. пред н.е.) оставила, барем засега, највпечатлив белег во минатото на ова тло.
        Локалитетот Мала Тумба, кај с.Трн покажува една нова, неолитска, културна појава. Според материјалот добиен од малите сондажни истражувања, се работи за населување на популација дојдена од јадранското приморје, некаде околу 4.000 г. пред н.е., при крајот на средниот неолит. Керамиката овде е со темносива до црна боја, украсувана е со врежување, убоди и широко вдлабени линии исполнувани со бела и црвена боја. Оваа прекрасна геометриска орнаментика со мотиви на триаголници, квадрати и цик-цак ленти често шрафирани или исполнети со убоди, алтернирани со вдлабени спирали, меандри, концентрични кругови и полукругови, разиграна со белиот и црвен колорит на темносивата основа, наговестува една многу интересна култура која допрва треба да се открива.

51

Жртвеник, модел на куќа, посветен на богинката - заштитничка на домот; Ѓорев Рид, Суводол

52
Горен дел од жртвеник-куќа (оџак) со фино изработена претстава на заштит-ничката на домот; Тумба, Породин

53

Жртвеник со човечки лик; Тумба, Породин

54

Женски фигури од керамика: Велушка Тумба, Породин (1); Тумба, Породин (2,3).

55

Жртвеник во облик на бик; Тумба, Породин
56
Еленска глава, дел од жртвеник; Велушка Тумба, Породин
57
Жртвеник со стилизирани еленски глави; Тумба, Породин

58

Жртвеници во облик на куќната внатрешност (без покрив), поставени на карактеристични назабени ноѕе; Велушка Тумба, Породин

59

Керамички печати со различни симболични претстави најдени во неолитските населби низ Пелагонија
60
Делови од грнчаријата најдени во локалитетот Мала Тумба кај с.Трн


Преземено од:
„КАДЕ E НАШЕТО МИНАТО“
ВОВЕД KOH ПРАИСТОРИЈАТА HA ПЕЛАГОНИЈА
ЗДРУЖЕНИЕ HA ГРАЃАНИ И ЉУБИТЕЛИ НА АРХЕОЛОГИЈАТА „ВИСОИ" - Битола
во соработка со ЗАВОД И МУЗЕЈ - Битола
Издавач: з.г. "ВИСОИ" - Битола

Текст: Марија Василева
Фото: Јован Василевски
Превод на англиски: Афродита Костовска
Лектура: Методија Размовски (македонски), Софија Атанасова (англиски)
Рецензија: Србиновски Пеце, Симоска Драгица Подготовка и печат: "АРТ-СТУДИО" - Битола

Битола, февруари 2005.