Вовед

Категорија: Праисторија / Prehistory

        Секоја земја ги открива, истражува, чува и заштитува спомениците на минатото, затоа што својата особеност ја должи на неповторливата историја која ја поминала, исто како што секој човек го живее својот индивидуален живот. Сегашноста е огледало на минатото. Традициите, обичаите, навиките, мислите, носат остатоци од најдалечните времиња. Колку нови народи, низ текот на времето овде да се населувале, секогаш останувало доволен број на староседелци за да ја пренесат својата култура на идните генерации.

 

        Битола и нејзината околина се богати со културно - историски споменици кои што се доказ и приказ на нашето минато. Ако не се грижиме за нив, тие ќе исчезнат, a со нив и нашата историја, со наследеното богатство од нашите предци. А култот кон предците е најстарата религиозна појава во историјата на човештвото. Преку него, всушност, се чуваа и пренесуваа знаењата потребни за опстанокот, од родителите, дедовците и прадедовците. Во мугрите на своето битисување, во т.н. старо камено време, човекот живеел слично на животните, во пештери, но ги погребувал своите починати изведувајќи ритуали проследувани со сфаќање за понатамошен задгробен живот. Се верувало дека од утробата на Големата Мајка - Земја духовите на предците ги следеле постапките на живите и ги казнувале ако тие не ги почитуваат обичаите. По 20 илјади години ваквиот поглед кон традицијата не е многу изменет.
        Ниедна земја и ниеден народ не може да опстане без своја историја. Затоа нејзиното константно проучување секако е потребно. Но за да се проучува треба да постојат материјални докази, а тие се скриени во културно - историските споменици: стари населби, објекти, цркви, се уште постоечки, или веќе срушени и покриени со земја од долго непостоење. Првенствена, задача на секој жител на оваа мала земја е да ги заштити од секакво делување што би ја нарушило нивната автентична состојба, така што во иднина да им овозможи на луѓето компетентни за тоа, да ги истражуваат и постепено да ја откриваат историјата. На тој начин сите заедно ќе допринесеме да се открие минатото на нашата земја.

        Науката што ги проучува најстарите остатоци од нашето минато се вика археологија што значи наука за старото (αρχαιοσ- архаиос -древно, λογοσ -логос - учење). Археолозите ги бараат и ги истражуваат овие сосема заборавени населби од минатото, откопувајќи ги руините се обидуваат да го откријат тоа што некогаш претставувале. Тие се сега скриени под земјата, покрај нашите куќи и ниви, или во оние на соседите и се препознаваат кога при орањето, или при некакво копање ќе се открие дел од нив. (За да ги заштитиме не мора да се прекине орањето врз нив, затоа што тој дел од руините веќе одамна е уништен во обработката на земјата, туку да не се навлегува со била каква работа во подлабоките слоеви).
        Со цел и кај поширокиот дел од населението да се пренесе грижата кон нашето културно наследство, битолското граѓанско здружение "ВИСОИ", со помош на Министерството за култура и Светската банка, покрена акција за негова заштита и презентација. Во оваа прва фаза ќе се задржиме на нашите најстари споменици, археолошките локалитети од времињата на праисторијата.

01

 

02

Археолозите може да работаат и со години на некој археолошки локалитет пред да пронајдат артефакти и органски остатоци. Нивната работа се одвива грижливо и методично за да не се изгуби или случајно уништи некој потенцијално важен податок за минатите култури.

 

03

Системот од прави, вкрстени, линии растегнати над ископувањата, познат како мрежест систем, им дозволува на археолозите прецизно да ја забележат локацијата на скелетот во релација со другите предмети


        Праисторија е наречен периодот од човековата еволуција пред појавата на писмото и запишувањето на историските случувања. Временската поделба на предисторијата археолозите ја извршиле врз основа на проучувањето на материјалната култура (оружје, орудие, станбени објекти, а особено на керамиката и накитот). Вообичаено се дели на камено и метално време, според преовладувањето на технологијата на правењето орудија.
        Каменото се дели на постаро (палеолит), средно (мезолит) и помладо (неолит); a металното на бакарно (енеолит, халколит), бронзено и железно време. Освен оваа вообичаена поделба постојат и други, кои што се засноваат на развојот на материјалната култура или општествените институции. Така на пр. некои ја предлагаат поделбата на праисторијата на литикум (=палеолит), керамикум (=неолит), и металикум, а од аспект на развојот на општествените институции, ја делат на: време на дивјаштво (=камено време) и варварство (=метално време).
        Со проучувањето на претисторијата се занимава цел низ научни дисциплини, во прв ред праисториската археологија, која што ја проучува материјалната и духовната култура; а во истражувањето на одделни проблеми во врска со реконструкцијата на животот во времето на праисторијата се искористуваат резултатите на геологијата (особено во стратиграфијата на палеолитските населби), палеонтологијата, антропологијата, социологијата, етнологијата, лингвистичката археологија, палеоботаниката, физиката и хемијата.
04
Стратиграфија
Археолозите ја одредуваат староста на предметите и другите остатоци низ нивниот меѓусебен однос и во релација со сегашноста, низ техниката наречена стратиграфија. Оваа илустрација дава пресек од ископот, каде можат да се видат повеќе слоеви на земја, камен и друг материјал. Во повеќето случаи предметите закопани во подлабоките слоеви, овде камената градба, е постара од оние во повисоките слоеви, овде черепот.

 

 

Преземено од:
„КАДЕ E НАШЕТО МИНАТО“
ВОВЕД KOH ПРАИСТОРИЈАТА HA ПЕЛАГОНИЈА

ЗДРУЖЕНИЕ HA ГРАЃАНИ И ЉУБИТЕЛИ НА АРХЕОЛОГИЈАТА „ВИСОИ" - Битола
во соработка со ЗАВОД И МУЗЕЈ - Битола

Издавач: з.г. "ВИСОИ" - Битола

Текст: Марија Василева
Фото: Јован Василевски
Превод на англиски: Афродита Костовска
Лектура: Методија Размовски (македонски), Софија Атанасова (англиски)
Рецензија: Србиновски Пеце, Симоска Драгица Подготовка и печат: "АРТ-СТУДИО" - Битола
Битола, февруари 2005.