bedi_ibrahim_th
Место: Културен Центар Магаза

Време: 30 Мај – 15 Јуни, 2011 г

…авторот, уметник, чувствителен на ефемерните цветови е птица со широко раширени крила, која лета кон градината положена во гнездото на врвот од дрвото на светот. Авторот, хроничар и патеписец, историчар и пророк е бестрашен воин спротивставен на времето, кој коленичи пред портите дочекан од мосточуварите на психогените метаморфози. Самувајќи и осамувајќи, овој уметник секогаш е во друштво на сознанието за звуците на сомнежот, за сликите на згаснување и воздигнување. Така копнежлив по заборавеното кое тлее и го чека својот незаборав, тој со пенетрирачка моќ на чистиот копнеж се осврнува кон предметите и појавите од мезокосмосот, натопени во солзите на човековиот поглед кон сонцето и ѕвездите. Во нив, тој ја пронаоѓа меморијата на времето, непосредниот сведок на човековиот еп и песната на душата, скромно откинува од нејзината мистичност и ја пренесува во своето сеќавање. Тој собира и предизвикува впечатоци и податоци кои немирно танцуваат низ уметниковата душа во страв да не бидат заборавени. Уметникот смело ги пренесува своите и туѓи доживувања, сеќавања, сомнежи во својот интимен дневник и на тој начин, содржините на своето и туѓото битисување ги става во рамките на бесконечноста. Но, Беди Ибрахим често се навраќа на својот дневник, повторно и повторно гледа во своите траги, во трагите на времето; некогаш го дополнува делото во прогрес, а некогаш се навраќа на постарите впечатоци за да да ги посети своите интимни живеалишта со раскошнитешки порти; тие водат кон градини во кои се слуша пев од птици кои постојано одлетуваат кон небесата…

Овие цртежи се списи и летописи на лирскиот лет на уметниковата душа во едно луцидно и неконвенционално орбитирање низ трансхронолошкиот полет. Нивното набљудување е чекорење по и низ благородната земја натапкана под тежината на времето, трчање надвиснато од цибориумот на бесконечното сино небо. Нивното присуство на извесен начин го трансфигурира просторот во сакрален објект, навестувајќи една контемплативна синестезија, во која делата ќе го добијат своето вистинско поимање на исечоци од интимниот дневник ишаран и жигосан од длабоките содржини на душата.

Беди вдишува и запишува во своите цртежи – белешки, отсликувајќи ги своите и сечии стремежи и сомнежи во манирот на еден филозофско – естетски дискурс на носталгично пророкување. Колоритот, кој зборува со јазикот на птиците и линијата понесена од гордата височина на портикот, се две џиновски борби во кои авторот му се спротивставува на времето. Бесконечноста и безвременоста кои наѕираат во морето и во небото и насекаде меѓу нив, во летот на птиците се само навестување на простор – времето, во кое Беди Ибрахим нам ни ја дава можноста да бидеме поротници на поетската правда.

Филип Иванишевиќ 2011

БЕДИ ИБРАХИМ

Роден е во Скопје во 1959 г. Во 1985 г. дипломирал на ФЛУ на одделот за скулптура а во 1999 завршил постдипломски студии на истиот Факултет. Од 1985-1989 г. бил член на групата „Зеро”. Во 1991 г., како стипендист на турската влада престојувал на Универзитетот Мимар Синан во Истанбул, како и во ателјето на познатиот архитект Џенгис Бекташ. Во 1992 г. престојувал на Јилдиз Универитетот во Истанбул каде вршел истражувања во Кападокија. Во 1997 г. бил единствен претставник од Македонија на Меѓународното биенале во Истанбул. Од 1999-2001 г. бил директор на Турската драма. Од 2002 до денес работи на ФЛУ како вонр. проф. на вајарскиот оддел. Во еден мандат бил и продекан за настава. Освен со скулптура се занимава и со сликарство и сценографија. Досега има реализиран над 19 самостојни изложби во земјата и во странство и бројни групни учества на локалната и меѓународната сцена. Добитник е на три национални и меѓународни награди. Од 1985 г. до денес член е на ДЛУМ, а од 2008 е член и на неговиот Уметнички совет.

Изложбата e релизирана co средства од Министерство за култура на Република Македонија