• Име на предметот: Ритон – керамичка светилка
  • Период/датација: Бронзено време/ 18-17 век п.н.е
  • Потекло: локалитет Тумба Радобор, село Радобор
  • Материјал/техника: глина/рачна изработка
  • Димензии: висина 11,3 см

Кратка приказна и опис: Ритон – керамичка светилка, редок облик на сад, рачно моделиран збогатен со особено необични детали, пронајден при археолошките истражувања на грнчарската работилница, на локалитетот Тумба Радобор, од периодот на бронзено доба. Светилката е со заоблено елипсовидно тело на чие рамо има четири квадратно изведени орнаменти со по четири кружни отвори, на едниот крај преминува во широко отворено устие во вид на рибја уста, спротивно на устието се наоѓа вертикално поставена широка лентеста дршка.

Ритон - керамичка светилка, Бронзено време 18-17 век п.н.е
Горниот дел од елипсовидното тело преминува во високо извлечен цилиндричен врат и прстенест реципиент, кој наликува на оџак . Светилката е изработена од прочистена глина, со механички мазнета површина од надворешна и внатрешна страна, печена на висока температура со светло кафеава боја. Ваквите типови на садови според нивната функција се интерпретираат како светилки, односно минијатурни кадилници во кои се согорувале извесни органски материи, и заземале значајно место во обредните магиски дејствија на праисторискиот човек.