• Име на предметот: Ѕидно огледало
  • Период/датација: 19 век
  • Потекло: Западна Европа / Импорт
  • Материјал/техника: Дрво и стакло, индустриско производство
  • Димензии: 127 х 100 х 8 см.

Кратка приказна:

Правоаголно ѕидно огледало од 19 ти век, изработено во барокен стил со стилски обработена рамка од ореово дрво. Самото огледало претставува рамна, мазна површина, посребрена од задната страна. Рамката е со неправилна форма, засводена и проширена на врвот и двата долни краеви врз кои е изработена и целосната декорација.Таа е изведена копаничарски, односно, со помош на дрворез, во плитка и длабока резба во геометриски и растителни форми. Застапената богата растителна декорација е со мотив на лисја и винова лоза, кој е и универзален симбол на животот. На долните краеви орнаментиката е изработена во форма на бројот 6, додека пак на горниот дел од огледалото е поставена пирамидално врз засводениот дел.

Ваквиот тип на раскошни огледала од 19 тиот век најчесто биле во склоп со тоалети и биле набавувани/импортирани од Западна Европа. Во нашиот случај тоа му припаѓало на истакнатото семејство на Димитрие Лала од Битола, кој своевремено бил и домаќин на видниот музичар Ричард Вагнер. Било дел од богатиот луксузен ентериер со кој се одликувале тогашните домови на високата граѓанска класа на конзулска Битола.

Ѕидно огледало, 19 век