• Име на предметот: Амфороиден сад
  • Период/датација: Неолит 6000-5700 год.п.н.е
  • Потекло: Велушка Тумба, село Породин
  • Материјал/техника: глина/рачна изработка, делумна реконструкција
  • Димензии: висина 49 см

Кратка приказна и опис: Голем амфороиден сад со особено нагласен стомак и високо грло со извиен обод, пронајден при археолошки истражувања на неолитскиот локалитет Велушка Тумба, село Породин.

Амфороиден сад, Неолит 6000-5700 год.п.н.е
Садот е рачно изработен од глина, со поголеми димензии со особено танки ѕидови, изненадува фината изработка на садот која не е типична за амбалажни садови, но е карактеристика за садови со мали димензии. Пред самото печење површината на садот била премачкана со црвен премаз, после печењето декорирана со бело сликана декорација.

Орнаментите се изведени во вид на бели триаголници со развлечени страни во чија внатрешност се оцртани црвени ромбоиди. Секој од овие бело сликани триаголници исполнети со ромбоиди се поврзани меѓусебно со бело сликани извиени линии. На самиот обод се насликани точки со бела боја. Самиот облик на садот и неговата декорација која е интензивирана на стомакот на садот, носи една специфична симболика која е поврзана со обредни дејствија, во која садот бил третиран како предмет кој во себе ги има особините на женските родилни органи. Со самата декорација на овој сад се очекувало она што се наоѓа внатре, да овозможи истото тоа „да се роди“ во изобилство.