• Име на предметот: Бронзен шлем
  • Период/датација: Железно време/ 7 – 6 век п.н.е
  • Потекло: археолошки локалитет Прогон, село Букри, битолско
  • Материјал/техника: бронза / лиење
  • Димензии: висина 27, 5 см

Кратка приказна и опис: Бронзен шлем, пронајден како случаен погребен наод, на археолошкиот локалитет Прогон, село Букри. Се работи за бронзен шлем, кој бил дел од одбрамбената воена опрема. Според типолошките карактеристики овој примерок припаѓа на грчко-илирски шлемови тип II B, со потекло од територијата на Грција, појавувајќи се на овие простори во периодот на железно време, кога со промените на општествените односи и зајакнување на племенската аристократија се повеќе се појавува импорт на луксузни предмети од грчка територија и изработка на нивни имитации.

Бронзен шлем, железно време 7 - 6 век п.н.е

Обликот на шлемот има издолжен и сплоснат облик, а калотата ја прати заобленоста на човековата глава. На предниот дел се наоѓа отвор за лице со квадратен облик, по чии рабови се поставени кружни бронзени клинци кои имале не само декоративна, но и функционална намена, зацврстувајќи ја кожената постава која се поставувала од внатрешната страна на шлемот. Штитиниците за образите се издолжени и заоблени, од кои десниот штитиник е оштетен, како и штитиникот за врат кој се наоѓал на задниот дел на шлемот е во голема мера оштетен. По должината на највисокиот дел на калотата се протегаат две паралелни ребра, односно лежишта на кои била прицврстена перјаницата.