• Име на предметот: Брош
  • Период/датација: Крај на 19 ти – почеток на 20 ти век
  • Потекло: Западна Европа – импорт
  • Материјал/техника: Сребро со позлата и полускапоцени камења/техника на лиење, исчукување, гравирање, апликација и инкрустација
  • Димензии: 6,5 см.

Кратка приказна и опис: Женски брош со кружна форма, изработен од сребро со позлата. Во централниот дел е пластично прикажан профил на девојка. Профилот е изведен на таков начин што околу лицето со помош на аплицирање, исчукување и гравирање, се изработени гранчиња со пупки и листови од злато кои всушност ја претставуваат нејзината коса или фризура. Цел овој приказ е заокружен или врамен со сребрена украсна метална жица, врз која со инкрустација се поставени неколку полускапоцени декоративни камчиња. Завршетокот на рамката е во форма на расцветан цвет налик на лепеза, поставен зад главата на ликот на девојката.

Брош, крај на 19ти – почеток на 20 ти век

Ваквиот тип на скапоцен нетрадиционален накит бил набавуван, односно импротиран од западна Европа за време на Отоманската Империја кога Битола го доживеала својот процут како воен, економски и културен центар на Румелискиот Вилает. Тогашната битолска граѓанска класа ги следела најновите модни западни трендови во облекување и китење, па така за битолските жени од тоа време се вели дека наликувале на најсофистицираните парижанки.

Овој тип на брошеви го докажува тоа и е само уште еден пример за вкусот, естетиката и економскиот статус на битолската жена на преминот од 19 ти кон 20 ти век.