• Име на предметот: Еврејска вотивна рака – Хамса
  • Период/датација: Почеток на 20 век
  • Потекло: Македонија, пронајдена во битолската синагога
  • Материјал/техника: Посребрен метал, техника на гравирање и исчукување
  • Димензии: 17 х 9,5 цм.

Кратка приказна:

Хамса рака или кај Евреите попозната како раката на Мириам, сестрата на Мојсеј и Арон. Името го добила по арапскиот термин за бројот пет “khamsah” камсах, што ги означува петте прсти на раката. Иако како симбол е застапена во културата на повеќе народи од Блискиот Исток и Северна Африка, кај еврејскиот народ најчестата функција на раката Хамса е заштитата од уроци, зли сили, негативна енергија од други луѓе.

Меѓутоа, со оглед на тоа дека оваа рака е пронајдена во битолската синагога, во нашиот случај најверојатно се користела како дел од обредни церемонии. Раката е изработена од посребрен метал во вид на кутија, со големина и форма на човечка дланка. Со помош на техника на исчукување и гравирање, богато е украсена со цветна декорација на зглобовите и по целата должина на прстите, со исклучок на делот каде што се исцртани ноктите. Декорацијата е застапена на двете страни на кутијата подеднакво.

На средишниот дел на дланката висат по две украсни синџирчиња и истовремено е изгравиран текст на јазикот ладино на Сефардите (кои биле дојдени од Шпанија и Португалија во 16 век), и живееле и работеле во голем број во Битола во периодот од кога потекнува и оваа вотивна рака, а тоа е почетокот на минатиот век. Декорацијата е изведена на таков начин што таа си го оправдува називот „Раката на Мириам“, односно остава впечаток на нежна женска дланка.

Еврејска вотивна рака