Изложба на фотографии и публикација објавени 2008 година.


Живот искован во метал.
Љубов исплетена во нитки.
Магија вткаена во слика.
Почеток, а сепак бескрајна вечност.
Бескрајна приказна од мудрост и уметност. Приказна за животот и љубовта. Непресушен извор на исконското вдахновение.
Овие атрибути се сосема мал и можеби безначаен дел за да ја раскажат вистинската приказна за кујунџиите и предметите кои се родиле од нивните раце.
Накитот како симбол на убавината одсекогаш ги растреперувал душите на луѓето. Ги украсувал нив самите, го покажувал нивниот општествен статус, ја изразувал внетрешната (душевна) убавина, нивниот животен стил.
Во истовреме ја означувал радоста на невестата, но и горделивоста на момата. Зборувал за градската мода, но потсетувал и на сопствените корени длабоки колку и животот, вткаени таму некаде во планинските или рамничарските села.
И едниот и другиот со ист дух да украсува, но и да штити во исто време. Злато, сребро, месинг или кој и да е друг метал, исткаени од магичните раце на мајсторот во различни мотиви, кои сепак имаат посебно метафизичко значење.
А кујунџиите раскажувачи . . .

Збирката “Накит“ од депоата на НУ Завод и Музеј, Битола е многу вредна по карактеристиките кои истата ги поседува.
Имено станува збор за предмети кои припаѓаат на периодот од крајот на XVIII па сé до почетокот на XX век. Во оваа збирка влегуваат предмети различни по начин на изработка, по материјал, и секако по употреба.
Како најзначаен кујунџиски центар во регионот,покрај Скопје и Призрен, Битола го имала приматот во изработката на накитот и предметите за декорација.
Според тоа сосема е разбирливо што локалните мајстори ја достигнале кулминацијата во својот уметнички израз.
Дел од колекцијата на накит, е од импорт, а тоа се однесува на елементите од градскиот накит што пак се должи на тоа што Битола во тој период бил не само трговски туку и конзуларен центар во овој дел од Европа.

  • Издавач: НУ. Завод и Музеј – Битола
  • За Издавачот : Зоран Николовски
  • Автор: Здравка Маретиќ – Етнолог
  • Стручен Соработник: Мери Стојанова – Етнолог
  • Препаратор : Љубица Стефановска
  • Превод на англиски: Мери Стојанова
  • Фотографии: Зага Продукција, Славе Стојанов
  • Дизајн: Парговски Јове
  • Тираж: 1 000
  • Печати: ГРАФО ПРОМ
  • Финансира: Министерство за култура на Р.Македонија
  • Битола 2008