• Име на предметот: Уметничка слика –„Огледални наслаги I“- современа уметност, автор Сандра Котевска (роденa во Битола). Сандра Котевска e млада сликарка од Битола, завршила ликовна академија во Скопје и по изложбите и творештвото таа е една од подобрите млади автори во Р. Македонија.
  • Период/датација: 2014 година
  • Потекло: Депо за дела од современата ликовна уметност и изложена во одделот за современа уметност на НУ Завод и музеј, Битола
  • Материјал/техника: маслени бои на платно
  • Димензии: 79 Х 59 см

Уметничка слика –„Огледални наслаги I“- современа уметност, автор Сандра Котевска
Кратка приказна (опис):

Ова е мошне специфична и оригинална слика која е во релација со стилот и размислувањето на авторот Сандра Котевска.
Во неа нема реални и прецизни детали туку одредени претстави кои се одраз на импресијата, расположбата и размислувањата на Сандра Котевска.
Нејзината необичност е повеќе во доменот на духовното, мисловното а помалку во материјалното. Тоа значи дека авторката повеќе нстојува да ги истакне духовните и чувствителните вредности и убавини на човекот. Само тие се состојби со кои животот добива вредност и длабока оправданост.
Низ целата слика се претставени два ликови. Лицата – портретите не се одалечени еден од друг туку споени еден кон друг. Не постојат разлики, раздвоеност, или далечини. Тие се толку поврзани што во средниот дел имаат заедничко око со кое не го гледаат надворешниот свет туку своите длабоки, невидливи чувства. Оваа слика ја воспева љубовта, поврзаноста и неразделноста на љужето кои целосно и во најголема хармонија се гледаат во себе. Еден филозоф рекол – Не гледај ко надвор, туку внатре во себе – слушни ги своите чувства и чувствата на другиот, живеј го пулсирањето и на другиот што е покрај тебе, слушај ги мислите во себе и на другите – само така ќе го запознаеш и видиш вистинскиот свет.
Сандра Котевска, иако е млад автор успеала преку оваа слика да ја објасне суштината на човечкиот живот кој значи пред се – љубов, поврзаност, почит, сакање, доживување, слушање, живеење за другиот и со другиот – тоа се вистинските елементи на нашето вистинско постоење, се другото е неважно и далеку од единствената вистина – вистината на нашите души.
Сликата е насликана со малечки квадратчиња кои го обележуваат присуството на сите луѓе во еден заеднички свет кој опстојува со цврста поврзаност и љубов.

(употреба и слично): Сликата е изложена во одделот на постојаната поставка на битолскиот музеј и е важен за следење на развојот на културата и творештвото во Битола и афирмација на институцијата НУ „Завод и музеј“ од Битола.

Текстот го подготвил:
Владо Ѓорески
НУ Завод и музеј Битола