• Име на предметот: Уметничка слика „ Пејзаж“- современа уметност, автор Борислав Траиковски, Битола
  • Период/датација: создадена 1971 година
  • Потекло: Депо за дела од современата ликовна уметност и изложена во одделот за современа уметност на – НУ „Завод и музеј“, Битола
  • Материјал/техника: ленено платно, маслени бои
  • Димензии: 100 x 70 см

Кратка приказна (опис):

Уметничка слика „ Пејзаж“- современа уметност, автор Борислав Траиковски, БитолаПејзаж насликан не реалистички туку со помош на геометриски тела: на крајната лева страна од сликата , кон нејзиниот горен дел е насликана топка што претставува крошна од дрво. Под неа се два тенки цилиндри – стеблото на дрвото. Од лево на десно од сликата, до самиот нејзин крај се неправилни квадрати и коцки насликани со различни бои и обрабени со дебели црни линии – тие претставуваат дел од поле на кое има ниви обрабени со бразди. На најгорниот дел од сликата претставен е дел од небото повторно со неправилни геометриски форми кои се разликуваат од долниот дел по тоа што се послободно насликани со широки потези на четката, додека во долниот дел повеќе користи шпакла (за погусто нанесување на боја одколку четка). Иако пејзажот е насликан со геометриски форми и поделен со црни линии, сепак, ни ја асоцира неговата есенска атмосфера која е идентична со чувствата на авторот – меланхолична, осамена, предвечерна. Ова е таканаречено експресионистичко сликарство – во кое авторот преку одреден мотив, ги слика своите внатрешни чувства.
Сликата е изложена во одделот за современата ликовна уметност каде што е претставена историјата на современото сликарство во Битола и Македонија. Ова е важно за следење на развојот на културата и творештвото во Битола и афирмација на институцијата Завод и музеј од Битола.

Текстот го подготвил:
Владо Ѓорески
НУ Завод и музеј Битола