На 17.05.2018 во КЦ Магаза пред членовите на Здружението на слепи лица Битола беше промовирана тактилната публикација „Мозаик Нартекс – Хераклеа Линкестис“.
Хераклеа Линкестис е позната по своите подни мозаици, а сo своите технички, уметнички, иконографски, стилски и симболични карактеристики, се издвојува претставата на мозаикот од нартексот на големата базилика, како извонреден пример на ранохристијанската уметност. Токму тоа e и причината, овој мозаик кој зафаќа површина од преку 100 квадратни метри, да биде прикажан преку тактилна публикација.

Тактилната претстава на мозаикот е со димензии 120 х 30 см и истата е изработена на специјална тактилна хартија со помош на PIAF фузер.

Промоција на тактилна публикација – Мозаик Нартекс – Хераклеа Линкестис
Описниот текст е отпечатен на Брајово писмо, а изработена е и аудио верзија која е поставена на веб страната на НУ Завод и музеј Битола (линк).

Публикацијата е двојазична на македонски и англиски, со намера во иднина истата да биде преведена и на други јазици.

Промоција на тактилна публикација – Мозаик Нартекс – Хераклеа Линкестис
Со оглед на тоа дека се работи за културно наследство од Македониија кое е уникатно и интересно за публиката од целиот свет, во наредниот период е планирано публикацијата да биде бесплатно диструбуирана до светските библиотеки и здруженија кои имаат можност да изработуваат ваков вид на публикации.
Автор на публикацијата е м-р Парговски Јове, а истата е изработена во рамките на проектот „Ние во музеј“ поддржан од Mинистерство за култура на РМ. Раководител на проектот е д-р Ирена Ружин.
Во изработката на публикацијата помогнаа: Балканска музејска мрежа, Ресурсен центар за ученици со оштетен вид – Битола, Радио 106 Битола, Здружение на слепи лица Битола и стручните соработници Тесалија Жирова и Силвана Петрова Насух. Во текстуалниот дел искористени се делови од публикациите: „Од раката на нашите мајстори – Мозаиците на Хераклеjа Lинкестис 4-6 век“ автор: Србиновски Пецо и „Хераклеја Линкестис – водич“ автор: Гордана Ц. Томашевиќ.

Промоција на тактилна публикација – Мозаик Нартекс – Хераклеа Линкестис