• Име на предметот: Свеќник
  • Период/датација: 19 век
  • Потекло: Западна Европа/импорт
  • Материјал/техника: Порцелан, метал/индустриско производство
  • Димензии: 40 х 18 сm.

Кратка приказна и опис:

Свеќник со потекло од 19 век, увезен од Западна Европа како покуќнински предмет наменет за градски ентериер. Изработен е од порцелан и делумно од метал. Металните делови ја претставуваат богатата декорација на свеќникот и го прават крајно необичен кога се работи за овој тип на предмети.

Несекојдневниот изглед се однесува првенствено на неговата форма, а тоа е порцеланската основа. Таа се состои од голем топчест „мев“ или „стомак“ поставен на метално постоље со повеќе ногарки, оформени и орнаментирани во плитка резба како палмети или полупалмети. „Мевот“ нагоре се стеснува во високо грло кое завршува со отвор наменет за свеќа.

Свеќник, 19 век

На отворот и онаму каде што се стеснува грлото точно над „мевот“, свеќникот е опшиен со еден вид на метални навртки, што на горниот дел исто како самиот свеќник имаат „мешесто“ проширување. Според овој опис воопшто не делува необично сѐ додека не стигнеме додршките. Тие на предметот се залемени на металните „навртки“ на врвот и на долниот дел од грлото и претставуваат приказ на птици на една нога, кои со нивниот заден дел го држат свеќникот, поточно со главата, со задниот дел на крилјата и со долниот заден дел од ногата.

Птиците се со долги клунови, раширени долги прсти и крилја и потсетуваат на птици од видот чапји. Чапјата во различни култури има различна симболика и може да претставува просперитет, сила, трпеливост, чистота, мудрост, долговечност, благородност, како и убавина и елеганција што некако е најблиску до намената на нашиот предмет.

Иако не е исклучена и можноста птиците да се едноставно необичен декоративен елемент на свеќникот со цел зголемување на неговата естетска и материјална вредност.

Текстот го подготвил:
Ефросинија Паревска
НУ Завод и музеј Битола