• Име на предметот: Уметничка скулптура – „Жетварче“, современа уметност, автор Сотир Димовски, вајар, Битола
  • Период/датација: создадена 1977 година
  • Потекло: Атеље на авторот – вајарот Сотир Димовски
  • Материјал/техника: гипс, патиниран, темно златна боја
  • Димензии: 50 см во висина и околу 20 см во ширина

Кратка приказна:

Вајарството е една од најблагородните дисциплини во уметноста, затоа што главната алатка во создавањето на скулптурите се исклучиво прстите на рацете и нивните безбројни нијанси на допири. Колку вајарот има чувство за допир на материјалот – глината, земјата, мермерот толку подобар е не само како уметник туку и како човек кој знае да ги пренесе чувствата и мислите на начин кои дури и во формира на скулптура може да се почувствуваат и доживеат повторно со допирот на прстите, дланките сите нијанси на чувства и форми.

„Жетварчето“ е релативно мала скулптура. Претставува фигура на девојче поставено во цел раст, исправено. На главата има шарпа која е врзана на челото. Лицето и е ведро и достоинствено.
Облечено е со едноделна, скромна селска кошула која има кружен отвор на вратот, а понатаму низ целото тело слободно и се простира до потколениците.

Рацете слободно и се спуштени низ телото во цела должина со тоа што во левата рака која е подвиткана кон горниот дел на телото – над појасот држи сноп од ожнеани зрели житни стебленца.

На стапалата до потколениците носи дебели волнени чорапи.

Девојчето, најпрво вајарот го има создадено со вајање во земја – глина, а потоа врз глината истурил течен гипс кој кога се стврднал станал калап наречен негатив врз кој повторно излил течен гипс кој кога се стврднал ја добил истата фигура што ја имал направено од глината. Овој процес е задолжителен затоа што глината не може да биде трајна како гипсот.
Девојчето е реалистички претставено, скромно, сиромашно но достоинствено, го слави животот и вистинските вредности на животот – работењето, поврзаноста со земјата, природата, растенијата – снопјето жито.

Скулптурата е изложена во одделот за современата ликовна уметност – во одделот или просторијата каде се поставени вајарските дела на скулпторот Сотир Димовски. Како дел од историјата на современота ликовна уметност во Битола и Македонија. Ова е важно за следење на развојот на културата и творештвото во Битола и афирмација на институцијата Завод и музеј од Битола.

Текстот го подготвил:
Владо Ѓорески
НУ Завод и музеј Битола

Уметничка скулптура – „Жетварче“, автор Сотир Димовски, 1977 година