Цел на секој музеј е неговите поставки и активности да бидат достапни за сите групи на посетители. Презентацијата на културното наследство, во голема мера е ограничена во постојаните поставки, што не е случај во интернет просторот.
Голем број на музеи овој проблем го решаваат преку iOS и андроид апликации, кои нудат нови можности за посетителите и дополнително ја збогатуваат приказната која се сака да се пренесе. Од друга страна пак овие апликации се скапи за развивање, одржување и посетителите најчесто одбиваат да инсталираат апликација која би ја користеле само еднаш.
Еден од најновите трендови кај музеите е имплементацијата на QR кодови. Во споредба со BAR кодот, QR кодот може да пренесе повеќе информации меѓу кои и линк до веб страна. На овој начин се отвара можност за поврзување на музејската поставка со интернет просторот и нејзино збогатување.
Со мал грант од Балканска музејска мрежа, поставена е основата за ваков начин на презентација на културното наследство, имајќи го во предвид фактот дека постојаната веб страна на НУЗМБ е со модерен „прилагодлив“ дизајн, погодна за разгледување и на мобилни уреди.
За потребите на овој проект избрани се 14 репрезентативни предмети од музејската поставка, за кои се изработени описни текстови (на македонски и англиски), аудио нарации и видеа на знаковен јазик. Покрај секој од предметите, поставен е QR код, кој кога се скенира, го води посетителот до соодветната веб локација. Целата музејска поставка е покриена со WiFi сигнал и бесплатен интернет, што исто така беше овозможено во рамките на овој проект.
Предност на ваквиот пристап е што посетителите ги користат сопствените паметни телефони и таблети, преку кои можат да ги разгледуваат, коментираат и споделуваат соодветните предмети. На овој начин се добива и подостапна музејска поставка, што беше и главната цел на овој проект, т.е. музејската поставка се прави поблиска за лицата со попреченост.
Додавањето на аудио нарација, овозможува паметниот телефон на посетителот да се користи како и еден вид на водич, а воедно со мало прилагодување, аудио нарациите се употребени и за тактилните слики за соодветните предмети наменети за слепи и слабовиди лица.
Овој пристап е релативно нов и во понатамошниот период ќе следи негово тестирање и усовршување. Истиот е имплементиран во соработка со стручни лица и организации од регионот и на наше огромно задоволство, децата од Завод за рехабилитација за деца со оштетен слух -Кочо Рацин Битола, беа први кои го тестираа. Сметаме дека на овој начин придонесуваме и кон создавање на пријателска слика за музејот. Видливо беше задоволството кај децата, кои предметите кои ги имаат во своите учебници, ги видоа во оригинал презентирани на знаковен јазик.
Проектот е имплементиран со поддршка од Headley Trust UK, преку проектот “Stories of the Balkans” на Балканска музејска мрежа.
Во реализацијата на проектот учествуваа::
- д-р Ирена Ружин – менаџер
- м-р Јове Парговски – изработка на платформа и имплементација
- м-р Катерина Шарковска – интерпретација на знаковен јазик
- м-р Тесалија Жирова- тифлолог
- Силвана Петрова Насух – наратор на македонски и англиски
- Гимел студио – Михаил Марковски
- Текстови : Владо Ѓорески, Ефросинија Паревска, Јасмина Гулевска, Енгин Насух, Викторија Момева Алтипермаковска, Мери Стојанова, Наде Ѓоргиева, Наде Геневска Брачиќ, Ристо Палигора
- Консултанти : Жељка Сушич, Татјана Мијатович, Милена Милошевич Мицич
- Логистика: Илија Иванов, Крсте Кочов, Сашо Ружин
You must be logged in to post a comment.