Музеј за сите е иницијатива кон која се приклучува и НУ Завод и музеј Битола, со намера за подобрување на пристапноста до музејските содржини и активности.

праисторија

Во одделот праисторија хронолошки се подредени најзначајните праисториски периоди: неолитот, енеолитот, бронзеното и железното време. Изложени се единствените и бесценети фигури на Големата мајка, како и симболичните жртвеници, кои датираат некаде од 8.000 година п.н.е. Покрај нив се изложени и други, бројни експонати кои се своевидни праисториски докази за историјата на човештвото во планетарен контекст, без никакви дилеми.

Антика

Во одделот за антика се изложени бројни артефакти од хеленистичката и римската империја. Предметите со својата атрактивност и посебност, претставуваат своевидна суштинска реконструкција на овие две епохи кои се темелот на светската историја.
Повеќето од нив се цивилизациски белези, кои денес се често присутни и како своевидни цитати во низа светски научни трудови, кои ги расветлуваат овие две доминантни империи во развојот на човештвото.

Ранохристијанство

Во одделот за ранохристијанство е изложена реконструкцијата на малата еднокорабна базилика од IV век, откриена во близина на Битола и други, бројни предмети. Тука се забележува и визуелното присуство на фундаментален ранохристијански мозаик откриен во античкиот град Хераклеа Линкестис. Овој оддел најдиректно покажува и докажува дека битолскиот крај е колевка и е еден од првите центри на христијанството во светски размери.

Среден век

Одделот за среден век поседува низа драгоцени артефакти кои се поврзани со палеогенезата на средновековната Битола, како што се: енколпионот и печатите од Јени Џамија кои потекнуваат од XI век, а биле откриени во Јени Џамија, накитот од некрополите во „Авторемонт-Хераклеја”, и селата Велушина и Ореово кои исто така потекнуваат од XI – XII век. Исто така значајни се и керамичките садови ископани во центарот на градот Битола кои потекнуваат од XI -XIV век, а не може да се занемари ни значењето на оружјето и орудието пронајдено во целиот битолски регион. Сите овие артефакти со своите техничко-материјални атрибути, начин на изработка, регионални и континентални уметнички струења, се од енормно значење за македонската археологија и за македонската историја.

Етнологија

Ако сакате да ги видите боите на традицијата и да ги почувствувате звуците на Битола и битолско, етнолошкиот дел во Постојаната поставка на НУ ,,Завод и музеј” – Битола, претставува вистинско место за тоа. Етнолошката збирка брои неколку илјади етнолошки предмети, но само еден дел се изложени за посетителите.
Овие предмети даваат одличен приказ на традиционална култура на Битола и регионот, во последните неколку столетија, но зборуваат и за нејзините блиски врски со Европа и светот. Во десетиците предмети за украсување на домот, музичките инструменти, накитот, облеката, независно дали станува збор за градските костими или пак за оние од руралните средини, се огледува естетиката и сеприсутната симболика на македонската традиционална култура.

Историја

Во одделот за историја се изложените документи и материјални докази, преку кои е прикажана вековната борба на македонскиот народ за слобода, при тоа оддавајќи централно место на битолскиот крај, како еден од главните центри во кој овој идеал и неговото реализирање најдиректно се остварувало.
Од Илинденското востание, преку Првата и Втората светска војна, изложени се видливи и секогаш актуелни длабоки траги за возвишените херојства. Во овој оддел се прикажани и апокалиптичните уништувања на Битола во Првата светска војна, неповторливиот окулар на браќата Манаки, првите сниматели на Балканот и трагичната депортација на еврејските сограѓани, од страна на фашистичкиот окупатор, во логорот Треблинка.

Галерија на икони

Галеријата на икони е посебен и специфичен оддел, во кој е претставено иконописното творештво од 18-тиот и 19-тиот век. Tоа време е исклучително богато, со значајни дела реализирани на територијата од Битола и битолско. Со дела од црковна тематика и иконографија, но и дела кои воедно се своевиден најсуптилен духовен и творечки сеизмограф за најважните импулси поврзани со осветлувањето и дефинирањето на македонската преродба и национална историја воопшто.

Современа уметност

Во одделот за современа уметност во НУ ,,Завод и музеј Битола“, се чуваат над 800 дела од современата македонска ликовна уметност. Во Битола, во одредена смисла, започнува македонската модерна, од крајот на 19 век.
Во збирата најмногу се застапени битолските уметници, а нивните бројни дела, според стилските карактеристики, естетиката и творечката мисла се во корелација со најзначајните ликовни движења забележани низ европските ликовни центри, особено во Париз.