• Извадок од изложбата на фотографии и документи „Мери Л. Метјус и Американското училиште за девојки во Битола 1888 – 1920“
  • Организатори: Пеги Хенсон, внука на Мери Метјус, НУ Завод и Mузеј Битола, Евангелско-методистичка црква во Македонија, Амбасада на САД
  • Место на одржување: НУ Завод и Mузеј Битола – мала сала
  • Датум: 5-15 октомври 2017 / 18:00 ч
  • Автори на изложбата: Пеги Хенсон, Кристина Цеков, Јове Парговски

Вовед

Пеги Хенсон, внуката на Мери Метјус, е организатор на изложбата која содржи историски документи и фотографии, сопственост на нејзината фамилија. Тие се хронолошки приказ на животот на Мери Метјус како мисионерка во Американското училиште за девојки во Битола.
Изложбата беше поставена од 5 до 15 октомври 2017 во мала сала НУЗМБ, и посетителите имаа можност да видат голем број на фотографии и документи, благодарение на Mount Holyoke College од Јужен Хедли, Масачусетс, САД.

Преку нејзините дневници, писма и фотографии, Мери Метјус ги прикажува, од прва рака, настаните во и околу Битола за време на нејзиниот триесет и две годишен престој во градот. Таа била сведок на последните години на Отоманското владеење, Младотурската револуција, Балканските војни и Првата светска војна. За време на овој период, Американското училиште за девојки било институција која непрекинато работела во Битола, тука се одржувале часови на девојки од различно етничко потекло и било главно американско претставништво во Битола.

Лично Мери Метјус предавала во училиштето и го надгледувала сиропиталиштето во периодот по Илинденското востание, се грижела за нејзините ученици и учители и успеала да ги одржи во добра здравствена состојба за време на големиот број на епидемии.
Таа им помогнала на многу луѓе, им помагала на бегалците, и била во координација со англиските и фанцуските генерали за време на Првата светска војна.
Во најтешките години, за време на Првата светска војна таа била единствениот американски граѓанин во Битола. Била колешка со Мис Стон, која станала славна по нејзиното киднапирање во 1901, учела јазик кај Герасим Кирјаз, кој учествувал во составувањето на модерната албанска азбука. Британката Кетрин Харлеј била убиена од германска граната во 1917, додека пиела чај со Мери Метјус.

Мери Метјус ја сакала Битола и ја чувствувала како свој дом.

НУ Завод и Музеј Битола особено го цени придонесот кој го даде Mount Holyoke College од САД, Американската амбасада во Македонија, Пеги Хенсон и нејзината фамилија. Благодарност до Јове Парговски од НУЗМБ и Кристина Цеков од Евангелско-методистичката црква во Македонија за нивната помош во реализацијата на оваа изложба.

Изложбата се состои од 22 паноа со димензии 600х400 мм на кои се прикажани фотографии и документи. Со цел на поефикасно прикажување на веб страна, во галеријата се прикажани поединечни фотографии со оригинален наслов на англиски и превод на македонски јазик.

Next PostRead more articles