Извадок од публикацијата: „КАДЕ E НАШЕТО МИНАТО – ВОВЕД KOH ПРАИСТОРИЈАТА HA ПЕЛАГОНИЈА“
Издавач: з.г. “ВИСОИ” – Битола, НУ ЗАВОД И МУЗЕЈ – Битола; Текст: Марија Василева; Фото: Јован Василевски; Превод на англиски: Афродита Костовска; Лектура: Методија Размовски (македонски), Софија Атанасова (англиски); Рецензија: Србиновски Пеце, Симоска Драгица Подготовка и печат: “АРТ-СТУДИО” – Битола; Битола, февруари 2005.
Бронзата, се верува дека е случајно откриена кога камења богати со бакарна и калајна руда се користени како ограда за надворешните огништа. Кога огнот ќе ги вжештел камењата топејќи ги металите, тие се мешале и се творела бронзата. Овој метал бил многу поцврст од чистиот бакар, затоа нејзината преработка бргу се ширела. Доскоро се мислеше дека за прв пат е обработувана во Месопотамија, околу 3500 г. пред н.е., но најновите археолошки откритија во Тајланд, покажуваат користење на бронза во 4 илјадитие пред н.е. Околу 3000 г. пред н.е. се раширила во Персија, а во 2000. низ Европа. Од неа се правело помоќно оружје: мачеви, стрели за копја, секири, ножеви; разни потребни алатки и разновиден накит.
Воведувањето на металот во животот на човекот донело суштински измени во организацијата на старата родовска заедница. Откривање на рудата, нејзината обработка со цел да се добие метал, потоа обработката на самиот метал во употребливи предмети -орудија, оружје и накит, бараа совладување на многу сложени процеси, така што му носеа на човекот нови преокупации. Потребата за размена на сировини или готови производи станувала се поголема. Трговијата од неопходна размена на добра помеѓу дотогашните неолитски населби се претовара во начин на заработка и нова стопанска гранка. Занаетчиството се повеќе се развивало. Луѓето почнале да се делат на земјоделци и сточари, занаетчии и трговци. Од друга страна, потрагата по рудни лежишта носела и едно несигурно време на чести конфронтации помеѓу племињата и потреба од јакнење на одбраната и војничка организација. Често населбите се градат на ритчиња погодни за одбрана и контрола на соседните подрачја. Подоцна некои од нив ќе се претворат во градови со одбранбени ѕидови.
Новиот начин на стопанисување го менувал животот и носел се поголема потреба за подобра организација на заедницата и значењето на племенските старешини станувало се поочигледно. Нивната моќ се зголемувала, a со тоа и можноста да се издвојуваат од другите по големината на имотот и добрата што ги поседуваат. Така почнало создавањето на племенската аристократија чиј процут ќе се случи во железното време.
Почетокот на 2 илјадитие пред н.е. одбележан е со етно-културна стабилизација во речиси сите региони од југоисточна Европа. На југот од Балканскиот полуостров, веднаш по населувањето на најстариот грчки етнички слој, започнува околу 1900 г.пред н.е. нов културен развој (среднохеладската култура), а во средна Европа, од судирот на последните поголеми миграциони движења на степските номади од исток и носителите на културата на ѕвонестите пехари од запад, се формира една силна и стабилна култура т.н. култура на полиња со урни според начинот на погребување со кремирани остатоци во урни.
Централниот Балкан првата половина од 2 илјадитие пред н.е. го помина во мирни околности, што беше искористено за опоравување и осамостојување после немирниот енеолитски период во 3 илјадитие, исполнето со постојани напади и миграциони движења на народите од јужноруските степи, за потоа да ги прифати разните добра од водечките соседни култури – егејската и средноевропската – и да се вклучи во историјските збиднувања на развиеното бронзено време. За ова во Пелагонија сведочат населбите во селата Карамани (Тумба), Кравари (Тумба), Барешани (Тумба), Канино (Тумба), Кременица (Висок Рид -Букри). Низ поголемите археолошки истражувања на локалитетот Радоборска тумба (помеѓу селата Радобор и Могила), се откри грнчарска работилница со неочекувани размери за ова време, што сведочи за една напредната култура со развиено занаетчиство и трговија. Засега е ископан поголем дел од импозантна архитектонска конструкција градена од дрво, земја и камења, некаде подигната и до 2 ката (приземје и 2 ката) со покрив од камени плочи – за заштита од пожар и од зимските снегови и подови покриени со штици. Додека во приземјето се приготвувала глината, на првиот кат се изработувале грнците, а на вториот – таванот, се сушеле готовите садови. Дворот бил покриен и служел за работа и во зимски услови. Печката за керамика била доста голема, во кружна форма со пречник од 6м изградена од земја и покриена со камени плочи над земјаната калота. Според концентрацијата на ископаната керамика и големината на објектот, овде работеле околу 20-ина работници.
Реконструкција (макета) на грнчарската работилница од лок. Радоборска Тумба, 15в. пред н.е.
Керамика најдена во руините на грнчарската работилница во Радоборска Тумба
Составување на фрагментираните грнци, реставрирање и конзервација. Радоборска грнчарија, 15в.пред н.е
Радоборска грнчарија, 15в.пред н.е
Откривањето на оваа “фабрика” за производство на керамика во големи количини, зборува за заедница која живеела во една развиена економско-опшествена структура, можеби и за почетоци на урбанизација на овој регион, но која допрва треба да се открива низ археолошки истражувања на регистрираните или на сеуште неоткриените локалитети. Кон крајот на 15.век пред н.е. страдала во пожар. По се изгледа работниците биле изненадени од ненадејни напаѓачи, оставиле се зад себе и избегале за повеќе да не се вратат. Населбата се обновува дури по неколку децении, но сега со една поинаква култура, со карактеристики на доцното бронзено време, со керамични облици произлезени од оние во претходниот период, но развиени во една нова форма. Тоа што му се случило на локалитетот се вклопува со нападите и уништувањата на народите од север, од крајот на 15.в. пред н.е., и во текот на 14., документирани на повеќе централно балкански локалитети. Извесен дел од оваа популација се населува и во Пелагонија, носејќи една нова култура. Во некрополите на локалитетите – тумби, кај денешните селски цркви и гробишта во селата Кравари и Меџитлија откриени се погребувања со кремација во керамички урни карактеристични за средноевропските народи.
Овие пробиви на населението од средна Европа кон југ, се многу позабележителни во втората половина на 13.в. пред н.е. Во наоѓалиштата од ова време, на целиот Балкан, егејските острови, Крит и Анадолија се јавуваат предмети кои се произведени во алпско-карпатските металуршки работилници и тоа најчесто, опремата на средноевропските воини. Бидејќи тие предмети се главно најдени во уништените од пожар населби, нивната појава би требало да се поврзе со поголеми етнички движења мотивирани со освојувачки потфати. На египетските споменици од времето на фараонот Мерептах (1299г.пред н.е.) и Рамзес III (1189г.пред н.е.), е забележано големо доаѓање на “народите од море”, а археолошките наоди од градовите на егејската цивилизација (Микена, Пилос, Кносос, Троја) покажуваат дека напаѓачите до 1180Т. пред н.е. ги уништиле сите големи центри на бронзено временската култура во поширокиот егејски регион. Во Пелагонија, за овие случувања сведочат повеќе наоди од кои најзабележителен е бронзениот меч со средноевропско потекло најден во с. Крклино.
Сукцесивни движења на популацијата од алпско-карпатскиот лак и од јадранското приморје, придружени со поголеми или помали борби, документирани се и во наредните три столетија, особено околу 1000. и 750.г.пред н.е. Затоа и тој период исполнет со немири и без услови за развиток на културите често се нарекува мрачно време.
1. Калап за лиење секира; Тумба, Кравари
2. Бронзена секира со двојно сечиво
3. Бакарна секира
Бронзен меч, с. Крклино
Секојдневие во една населба од бронзено време.
Пресек на одбранбен ѕид: дрвена конструкција облепена со земја и ископан ров околу населбата со цел да се отежни навлегувањето на непријателот.
Мртвите ги покопувале во положба на фетус, легнати на бочната страна, најчесто во камени ковчези.
You must be logged in to post a comment.