Истражувањето и претставувањето на секој облековен елемент поединечно го открива значењето, потеклото како и следењето на хронолошкиот развој на народната носија. Секој облековен елемент во зависност од духовните, естетските, и ликовните решенија го детерминираат карактерот на облеката, симболизираат магиски елементи за заштита и го определуваат општествено – социјалниот статус на поединецот. Кога го разгледуваме секој елемент поединечно ја гледаме и кохезијата на елементите и како тие во одреден период се формирале и менувале. Токму ова го илустрира изложбата, каде фокусот е ставен на „грлото“ како посебен дел. „Грло“ претставува правоаголно парче од бело платно, декорирано во централниот дел ѝ истото се врзува со две врвци околу вратот. Основната функција е да го покрие отворениот дел на градите од кошулата, по што произлегува и самиот назив. Покривањето на градите како дел од човечкото тело кое рефлектира еротски моменти е утврдено од општествените норми и правила кои биле изградени од традиционалните сфаќања на општетвената заедница.
Од друга страна ги согледуваме вештините на изработка, техниките и осмислувањето на ликовните композиции, кои резултираат со богатство на разновидни естетски форми. Употребата на материјалите и украсните елементи низ различни временски периоди ни отвораат можности одново да ги преиспитаме и преставиме пред публиката.
Изложбата претставува долготраен процес на истражување и осмислување на начинот на интерпретација, како да ги претставиме различните типови на грла пред публиката и да го потенцираме нивното исклучително значење.
На изложбата се презентирани 50 примероци на „грла“, кои се дел од збирката на носии, ткаенини и текстил . Изборот е направен од 150 примероци на „грла“ кои се чуваат во музејот прибирани од средината на 20 век, кои во најголем број се откупувани. Во различни предели во Македонија се употребуваат различни називи, но определбата за називот „Грло“ е бидејќи се употребувал во Горно Битолските Села и Цапарско Поле кои потекнуваат од Битолскиот предел. Изложените примероци потекнуваат од крајот на 19 до средината на 20 век и ги опфаќаат пределите, Горно Битолски Села, Цапарско Поле, Битолско Поле, Битолско – Прилепско Поле, Мариово, Демирхисарско, Мијаци од Смилево и Ореше.
Секој експонат претставува уникатен примерок во начинот на изработката, со примена на вез, употреба на мониста, рачно плетени тантели, согласно периодот во кој се изработувале. Од презентираните примероци можи да се проследи длабокото духовно творештво и инвентивноста, кои погледнати од денешен аспект претставуваат уникатни творби кои би можеле да бидат инспирација во современиот моден дизајн.
- Автор на изложбата и каталогот Наде Геневска Брачиќ, етнолог, кустос -советник
- Рецензент проф. др. Илина Јакимовска
- Графички дизајн проф. др. Гордана Вренцоска, каталог и промотивен материјал, со оригинална типографија во која се комбинирани нејзиниот ракопис и дигитално„везени“ букви инспирирани од самата изработка на елементот „Грло“
- Фотограф Дино Нечевски
- Превод од македонски на англиски јазик, Јованка Поповска
- Препаратор на етнолошки предмети Жанета Лулевска
- Техничката реализација на изложбата, тим на НУ Завод и музеј Битола
You must be logged in to post a comment.