Сандра Котевска се движи по обратниот тек на водата од реката, наспроти Вирџинија Вулф… но, нејзината „Сопствена соба“ е со истите сентенци, тука се среќаваат секојдневно, во неа се сите лица, сите психолошки вивисекции на женскиот принцип, скриен, замислен, збунет, мечтателен а најчесто уплашен и проsирен пред она што се случува во „надворешноста “ која сеуште се вика свет.

Не замина поетесата по водите, затоа што во реката се зборовите кои се вливаат во далечната непозната утока, таа тргна во тоа невидливо царство, спомените и далечното ехо од таму го пренесуваат најновите платна, циклусот на Котевска кој е сам по себе шифра, знак, симбол од поетскиот универзум во кој светлината и темнината се во совршена хармонија.

Првата мисла, првиот знак во погледите, во ликовите, во скриениот говор на секој лик од „портретите“ на нејзините платна се еден вид на – повторно јавување на далечното, sвоно, кое одзвонува се потивко и подалечно, зборовите на поетот, кажани со пророчка прецизност пред повеќе од седумдесет години, поетска преобразба на Јовановото Откровение на поетот Тадеуш Ружевич: – „Никако не можам да сфатам дека уметноста постои иако е убиен човекот, нспроти се, таа преживеа, постои и покрај „крајот на светот“, боженствена, неприкосновена во своите закони, прописи, поетики…“

Со кој разговарам, за што размислувам, кој сум – до мене доаѓаат дела кои зборуваат за некакви наслаги на светлина врз лицата, која светлина? Во време на „неверојатниот напредок“ на човештвото, таа, светлината е изгонета пред сеприсутната густина на неонското осветлување на безбројните екрани, на светлина која не доаѓа од сонцето, затоа што небото епремрежено со невидливите сфумато филтри на отровната рамнодушност и безчувствителност, за која светлина – светлината од домовите е изгонета, прогонета, заборавена, пред налетот на виртуелната, „цивилизација“, искажана само преку хипнотичкото дејство низ кое смртта, љубовта, животот се претставени – оне лине, со статистичка монотонија на гласови од кладилници за постоењето и непостоењто, или гласни логореи повторувани од едниот крај до другиот на почетокот и завршетокот на денот и ноќта. Низ вокабулари, соголени до сржта на безвредноста и омразата, преку безличната комуникација на таканаречените друштвени мрежи, преку хаику апсурдот во кој сите теми се заменети со кататоничко повторување за непостоењето.

Кој се овие женски лица, најчесто со покриени невидливи усни – говори, задскриени погледи загледани некаде низ нас, без нас, наспроти нас. Лица најнежно допрени од цветови, цутови, проsирни килибарни инсекти – зар постојат уште такви ситни, малечки, спомени, белези кои си играат во некаква пролетна раздвиженост носејќи ги заборавените слова од изгубениот негибнат рај?

Кои се овие „суштества“ во кој не постои евтината бижутерија на материјата на преконсумираното женско тело, во кое е отсутен целиот „свет“ на заморни и истрошени до потполна празнотија сите накитени баналности, златни „блесоци“, сребрени среброљубливости, амбиции кои се само потрошувачка употреба на ионака до крај канибалистичкиот изглодан човек во квазицивилизацијата која уште по некоја апсурдна инерција се случува во лажната стварност, одалечена од небото, од изворот на вистинската светлина, од последните есенски лисја, од она што некогаш беше храм во кој постоеше вистинскиот говор искажан само преку молитвата на љубовта.

Кој се овие женски лица или што е тоа што ги обележува, одсликува, премислува, затоа што ништо заедничко немаат со испразнетите лица на жената денес – толку одалечена од искреноста, љубовта, вистинската причина за нејзиното постоење?

Се унишивме, се напуштивме, се приземнивме со оловна сива отровност, Европа ја слави „Одата на радоста“ со бонбониерска занесеност и надменост систематски заменувајќи го Вангоговиот тестамент со банкарска и берзанска таканаречена уметност складирана во трезорите заедно со украдените дијаманти од недрата на Големата мајка.

Всушност, Сандра Котевска, повеќе и не ни зборува за сликарството, за колоритот, за линијата, за композицијата, за идејниот концепт и така натаму, зборови кои одамна ја изгубија смислата во толкувањето на сликарството кое и онака е заминато на некој пуст брег каде што никој не доаѓа.
Можеби и без да знае, во она што уште можеме да го наречеме сликарство, таа учествува во некој хорски шаманизам на Времето кое ионака не постои според жалните, очајно сиромашните сфаќања на некогашниот и денешниот човек. Времето односно безвременоста има боженствена есенција која може да се преобразува низ сите непознати, длабоки слоеви кои уште ги викаме душа а воопшто незнаме ни што е ни зошто е.

Тие метаморфози, се пробудуваат во тој танц на сликарството доаѓајќи ни од сите времиња не линеарно, туку надматеријално, лицата и не се лица, тие се светлина и безвременост која низ безбројните преобразби доаѓа до нас со аналфабетска препознатливост затоа што ионака ништо повеќе не забележуваме ниту вистински толкуваме, доаѓаат во формата на она што сме а ниту го забележуваме ниту знаеме да го откриеме, протолкуваме – нашите Лица…

Тоа се лица од архивите, од трагите на човештвото, обезборувани, замислени, изгубени, залутани. Тоа се огледалата, лавиринтите во кои се пребарува Сандра, верувајќи, по некој далечен и непознат инстикт дека ќе го отвори албумот на некогашната човечка бесмртност создадена од вистинската светлина. Можеби?

Дали озрачената материја од златното теле – човекот, има денес лице, има поглед има збор или е превиткан со конфекцискиот мумиски пластифициран завој на иднината, обезличена, планетарна, обезборувана, слепа и без никаква светлина во сјајниот мрак на лажните божества?
Да се сликаат денес портрети и да се верува дека се покриени, осветлени, создадени од светлина, не е само храброст и верба туку е своевидна залутаност која доаѓа да ни каже и докаже дека „последниот“ автопортрет на Рембрант беше и последниот знак, вознесението на светло – темното во очите на еден „старец“, загледан во бескрајниот простор на осаменоста, пред потопот, во кој неколку векови упорно и безнадежно потонавме.

Дали можеме да го видеме погледот во кој можеби сеуште се оцртува сенката од нашето постоење?

Владо Ѓорески


Сандра Котевска

Родена на 26.10.1990, Битола. Средното образование го заврши во гимназијата „Јосип Броз – Тито“ во 2008 год. .

Дипломира во 2014 год. на Факултетот за ликовна уметност , при универзитет „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје, отсек – сликарство, во класа на проф. Благоја Маневски. Модул – реставрација и конзервација

Постдипломските студии ги започнува во месец Ноември 2017 год. на Факултетот за ликовни уметности во Скопје – на катедрата за реставрација и конзервација на маслена техника, под менторство на професор Благоја Кузмановски, истите ги завршува со магистерската одбрана на трудот кој се однесува на конзервација и реставрација на истакнати дела од колекцијата на НУ Завод и Музеј Битола , делата се од Никола Мартиновски и Пецо Видимче, во јуни 2019 год.

Од страна на сликарската активност се вбројуваат неколку самостојни изложби, учества на колонии во земјата и странство , како и голем број на учества во групни изложби.

Добитник на награда за најдобро ликовно остварување „Борислав Траиковски“, јули 2019, и наградата „Александар Ѓаконов“, ноември 2020.

Самостојна изложба на Сандра Котевска, проектот е поддржан од Министерството за култура на Република
Северна Македонија; НУ Завод и музеј – Битола, мала сала, декември 2020