Извадок од публикацијата: „КАДЕ E НАШЕТО МИНАТО – ВОВЕД KOH ПРАИСТОРИЈАТА HA ПЕЛАГОНИЈА“
Издавач: з.г. “ВИСОИ” – Битола, НУ ЗАВОД И МУЗЕЈ – Битола; Текст: Марија Василева; Фото: Јован Василевски; Превод на англиски: Афродита Костовска; Лектура: Методија Размовски (македонски), Софија Атанасова (англиски); Рецензија: Србиновски Пеце, Симоска Драгица Подготовка и печат: “АРТ-СТУДИО” – Битола; Битола, февруари 2005. 



Каменото време е период од човечкиот развиток карактеристичен со употребата на каменот како главен материјал во изработката на алатките. Во различните делови од светот човечките групации ги користеле камените алатки во различни времиња како што и промената на камените со металните алатки се случила различно. Земајќи ги предвид географските разлики, каменото време, започнало пред околу 2.5 милиони години, a завршило пред околу 5.000 год., но во некои региони многу побрзо.

Така што и денес некои изолирани човечки популации го употребуваат каменот во нивната технологија на изработка на алатки, но ваквата појава рапидно исчезнува со донесувањето новини од современиот свет. Човековите предци кои живееле пред каменото време употребувале предмети како алатки, однесување кое што научниците денес го наоѓаат меѓу шинпанзата. Дивите шимпанза во Африка имаат навики за употреба на помошни предмети во олеснувањето на некои дејствувања – на пр. употребуваат гранки да ги ловат термитите, сожвакуваат лисја со кои ја впиваат дождовницата од дрвата, употребуваат гранки или камења како чекани, секири, толчници, или како оружје за фрлање или удирање. Сепак, кога праисториските луѓе почнале да прават алатки тие судбоносно се одвоиле од останатиот животински свет. Иако некои животни употребуваат предмети како алатки, обработката на алатите како и употребата на алати за правење на други алати, е карактеристично однесување само за човекот.

Шимпанзо употребува камен да ги скрши лешниците поставени на поголем камен.
Шимпанзо употребува камен да ги скрши лешниците поставени на поголем камен.

 

Постарото камено време или т.н. палеолит (од грчки: παλαιοσ- палаиос – стар, λιτηοσ- литос- камен) е најраниот период на човековиот развиток и најдолгата фаза во историјата на човештвото. Главно се совпаѓа со геолошката епоха на плеистоценот (кој траел од 1.6 милионитата, до 10.000 г. пред н.е.), епоха во која неизменично се менувале ледени и потопли, меѓу ледени периоди и кога поголемиот дел од Европа бил прекриен со мразеви. Плеистоценот му претходел на епохата холоцен кој што се уште трае.
Првите луѓе почнале да прават камени алатки пред 2.5 милиони години (во периодот познат како долен палеолит). Удирајќи со камен откршувале делови на другиот камен, при што од него се добивала заострена алатка употреблива за кршење коски или сечење месо и растенија. Откршените делови им служеле како помали ножиња. За оваа цел, раниот човек, во наслагите на чакалестите речни долини барал погодни за обработка силикатни кварцни и кристални блокови, кои се лушпат при удар со тврд предмет и формираат остри рабови на преломот. Со време оваа техника на делкање се повеќе се усовршувала и кремениот камен кој што се подобро се обработувал во прилагодена алатка, со која може да се убие животно, да се продупчат и засечат коските за да се извади коскената срж, да се одере кожата која ќе се користи за облека, да се исече месото итн. Во ловот на животните користеле и специјално заоблени камења за фрлање кои точно летаат кон целта. Веројатно изработувал предмети и од коска и од други материјали кои денес не се сочувани, како на пример, од дрво: прачки за копање дупки, стрели или удиралки; а можеби користел школки, кожи или кора од дрво за собирање течности.

Првиот европјанин или Неандерталецот, првиот архаичен Homo sapiens, живеел во Европа во времето од 200.000 до З0.000г.пред н.е., период од научниците разграничен како среден палеолит. Неандерталците биле куси, робусни, но со целосно модерен капацитет на черепот. Имале поиспакнато лице, доминантни надочни коски и поширок нос од денешниот човек. Биле робусни и мускулести, воделе опасен и напорен живот. Покажуваат многу покомплексно однесување од нивните предци. Го откриле огнот, обработувале дрво и кожа, избирале егзотични камења за обработка, некои ги носеле од далечина и од 10 км.

Пред околу 40.000 г, раните луѓе навлегле во Австралија, што значи биле способни и да пловат и преминуваат океански површини.
Во последната етапа на палеолитот, горниот палеолитик, кој траел од 40.000 до 10.000г. пред н.е, настанува вистински процват на културата. Техниката на производство и формата на кремените сечива се усовршува и специјализира. Тие добиваат исклучително правилна форма и назапчен раб – фино изработен преку лушпење со притискање (т.н. техника на ретуш). Препознатливи се специјално изработените долги сечива од кремен камен кои ги прицврстувале на дрво или коска. Измислено е копјето, а потоа и стрелата. Кон крајот на овој период вообичаени се микролитите – мали, со правилни геометриски форми изработени ножеви. Вообичаени стануваат алатките од коска, рог и слонова коска, како стрелки, харпуни, копја, чекани, игли. Присуството на игли со уши укажува на правење облека (веројатно од кожа и ран текстил) или правење на засолништа од кожи. Се употребувале и лампи: продупчени камења исполнети со горечка супстанција како растително масло или животинска маст.

Лов на мастодон од пред повеќе од 10.000 години.

Лов на мастодон од пред повеќе од 10.000 години.

Пред 2.5 милиони години луѓето во Африка ги направиле првите алатки. Научниците ги викаат овие алатки олдовиански, според местото каде се ископани (во времето на australopitekinezerite и homo habilisot).

Пред 2.5 милиони години луѓето во Африка ги направиле првите алатки. Научниците ги викаат овие алатки олдовиански, според местото каде се ископани (во времето на australopitekinezerite и homo habilisot).

Кремени алатки т.н. ашелски според едно археол. наоѓалиште, кои се користеле во периодот од пред 1.5 милиони год. до 200.000 та г.пред н.е., од човековите претци: Homo erektusot до раниот архаичен Homo sapiens.
Кремени алатки т.н. ашелски според едно археол. наоѓалиште, кои се користеле во периодот од пред 1.5 милиони год. до 200.000 та г.пред н.е., од човековите претци: Homo erektusot до раниот архаичен Homo sapiens.

Кремени бодежи за копја кои датираат од пред околу 11.500 години.
Кремени бодежи за копја кои датираат од пред околу 11.500 години.

Изгледа дека горнопалеолитската популација била вешта во ловот и собирање храна. Со употребата на копјето, лакот и стрелата, се добило предност во брзината, јачината на убодот на оружјето и оддалеченоста на проектилот. Многу наоѓалишта од ова време содржат голем број на коски од цицачи, како црвениот елен, ирвасот, или коњот. Се верува дека ловците можеле прецизно да го предвидат времето и локацијата на сезонските извори храна, како миграцијата на ирвасите или токот на јатото лососи. Престојувале во шатори направени најчесто од прачки, некогаш и со коски од мамут покриени со кожи и постелени со крзна.

Кружна основа од мамутни коски најдена во Мезин, Украина; (десно: реконструкција). Ловците на мамути често целиот шатор го граделе од мамутови коски и го покривале со кожи.
Кружна основа од мамутни коски најдена во Мезин, Украина; (десно: реконструкција). Ловците на мамути често целиот шатор го граделе од мамутови коски и го покривале со кожи.

Возрасен човек, најден во Сунгир, Русија, погребан пред 25.000 години со накит од школки и животински заби и мониста од слонова коска на облеката
Возрасен човек, најден во Сунгир, Русија, погребан пред 25.000 години со накит од школки и животински заби и мониста од слонова коска на облеката

Наодите на човечки погребувања во ова време се скоро вообичаени и често придружени со богати гробни прилози. Така на пр., во Сунгир, Русија, три индивидуи биле погребани со копја од слонова коска, ѓердани од школки и животински заби и илјадници мониста од слонова коска што биле прикачени на нивната облека.
Големата новина во ова време е појавата на уметноста. Најраната уметничка претстава, во форма на сликарија, скулптура и гравирање – датира на назад до околу 32.000 години. Се претставуваат животни, како бизонот, дивото говедо, коњи, елени, и волнести носорози, и не толку често со човечки фигури. Се среќаваат и апстрактни елементи како линии, точки, кругови и др.геометриски мотиви. За осликување користеле природни материјали како црвен и жолт окер, магнезиум и јаглен. Најдени се голем број на мали скулптури со претстави на жена (кои често се нарекуваат Венери). Во Германија се најдени и мали стилизирани животински фигури, a на Пиринеите и фигури на бизон направени од глина. Археолошките податоци од горниот палеолитик покажуваат креативна експлозија на нови технолошки, уметнички и симболични изуми на тогашните луѓе. Постои мал сомнеж дали тие биле веќе сосема доближани до модерниот човек во нивната биологија, мисловните способности и јазичното општење.

Таканараечената Венера од Вилендорф, Аустриа, е најраната најдена скулптура која датира меѓу 30.000 и 25.000 г.пред н.е. Се мисли дека ја симболизирала плодноста со што се толкува нагласената женска анатомија.
Таканараечената Венера од Вилендорф, Аустриа, е најраната најдена скулптура која датира меѓу 30.000 и 25.000 г.пред н.е. Се мисли дека ја симболизирала плодноста со што се толкува нагласената женска анатомија.

Сликарите од пештерата Шове во јужна Франција(од пред 32.000 год), се едни од најстарите и најспектакуларните примери од уметноста на леденото време. Црвени и црни цртежи и гравури, прикажуваат голем дијапазон на животни, најчесто коњи и бизони а поретко лавови и носорози.
Сликарите од пештерата Шове во јужна Франција(од пред 32.000 год), се едни од најстарите и најспектакуларните примери од уметноста на леденото време. Црвени и црни цртежи и гравури, прикажуваат голем дијапазон на животни, најчесто коњи и бизони а поретко лавови и носорози.

Пештерна уметност, Ласко, Франција, околу 13.000 глред н.е. Говедо во скок и група на мали коњи биле насликани со црвен и жолт окер, издувани со трска на ѕидот или помешани со животинска маст и така нанесени. Се мисли дека праисториските ловци сликале со цел да добијат магијска сила која ќе им осигура успешен лов.
Пештерна уметност, Ласко, Франција, околу 13.000 глред н.е. Говедо во скок и група на мали коњи биле насликани со црвен и жолт окер, издувани со трска на ѕидот или помешани со животинска маст и така нанесени. Се мисли дека праисториските ловци сликале со цел да добијат магијска сила која ќе им осигура успешен лов.

Крајот на леденото време донесе големи промени во животната средина во поголемиот дел од светот. Со потоплите постглациални услови на холоценската епоха (во која што и денес живееме), се истопиле ледените површини и морското ниво нараснало поплавувајќи ги бреговите. Климата во Европа и средоземјето стана влажна и потопла. Тундрите околу глечерите постепено се претвараат во иглолисни, а потоа и листопадни шуми, кои што прекриле голем дел од континентот и станале пречка за основната прехрана на луѓето преку ловот. Големите цицачи исчезнуваат, а во густите шуми заживуваат благородните елени, козата и дивата свиња. Животните адаптирани на ладна клима, како еленот, лосот и бизонот, се префрлиле на север, додека другите, како мамутот, џиновскиот елен и влакнестиот носорог, исчезнале. На широки територии во Европа, низ средоземјето до Индија созревале зрнести растенија, кои што постепено се претворале во суровини за прехрана на човекот. Богатата уметничка традиција на горниот палеолитик во Европа, после крајот на ледената ера, се прекинала.

Тоа ја обележува новата епоха во историјата на човештвото наречена мезолит (μεσοζ-мезос, среден, λιθοζ-литос- камен), или среднокамена, која започнува во крајот на ледената ера пред околу 10.000 години и трае се до појавата на земјоделието.
Дијапазонот на исхраната кај луѓето доста се проширил: јаделе диви житарици, разни семиња, лешници, овошје, школки, риби, водни цицачи, птици и др. Главен природен фактор во животот на човековите заедници станале обилните слатководни басени – големите реки со речните калливи долини кои што останале на местото на некогашните мразеви.  Човекот живее главно низ крајбрежјето и покрај реките каде изобилува новиот вид храна. Го измислува кајчето и искосеното весло и почнува слободно да се движи низ водите, придобивка од епохално значење. Продолжува пред се да биде ловец, но риболовот во слатководните басени исклучително се развива. Предмет на ловење стануваат и водните птици и тоа главно благодарение на развитокот на орудијата и оружјето.
Карактеристично за оваа епоха е оружјето составено од неколку кремени ножиња – режачи, поставени во различни носечки тела со дршки, направени од коска и дрво. Режачите се мали, до неколку цм во должина, сосем се тенки и многу остри, во правилни геометриски форми. Затоа и ова време често се нарекува епохата на микролитните орудија (μικροζ-микрос-мал + λιθοζ-литос-камен), кои претставувават нов чекор напред во човековата еволуција. Карактеристични форми стануваат тесното издолжено ноже и триаголните и трапезоидните режачи. Различните по облик дршки од дрво и коска ги продолжуваат традициите на доцниот палеолитик, но сега орудието станува полесно и поудобно. Коскениот харпун станува уште помал и на него се јавуваат отвори, што покажува дека се врзувал на конец за полесно да се извлече уловената риба.

Кон 8.000-7.000 г.пред н.е, настапува постепениот преод кон новокамената епоха или неолитот (νεοζ-нов, λιθοζ-камен). Факторите и особеностите на овој премин се неколку. Појавата на земјоделието, кога човекот ја научил тајната на животот на растенијата, ги користел сезонските промени и започнал да сее и да го издвојува семето од веќе култивираните растенија, појавата на орудието од тврд камен изработено со стружење и полирање, и на крајот, појавата на керамиката. Тоа биле големи достигања, кои што во себе го носеле зародишот на други иновации во човековата култура. Додека доцниот палеолит го достигна врвот во технологијата на обработката на кремениот камен и колективниот лов, раниот неолит го открива патот кон расцутот на родовските земјоделски и сточарски општества и нивните култури, каде што главниот белег станува орудието направено од иструган камен.
Повеќето археолози веруваат дека неолитското земјоделие и сточарство е една од најважните и најреволуционерните иновации во историјата на човештвото. Тоа допуштало постојани живеалишта, поширока и погуста популација, акумулирање на вишоци и добра, развиток на статусот и рангирање на различностите во популацијата, пораст на специјализираните занаети.
Земјоделието и сточарството се јавило во различно време на различни места (во одредени места и пред 9.000 години), некаде тоа израснало како генијална иновација, а другде се раширило од местата каде егзистирало, што првостепено зависело од климатските услови.

Природно  – климатските услови за времето на неолитот значително се подобриле. Тогашниот атлански и субореален период се одликува со мекост и влажност на климата која го задржала процесот на исушување во Северна Африка и голем дел од Блискиот Исток и Средна Азија, каде денешните каменести предели и песочни пустини тогаш биле степи покриени со трева, а денешните долини тогаш биле речни долини. Во Европа преовладуваат шумите, а и на север тундрата се повлекла и му отстапила место на иглолисните и листопадните шуми. Ваквиот пријатен климатски развој од една страна и нееднаквите природно – географски услови во различните делови од светот условиле нерамномерен развиток на човековите заедници. Средните и северните делови на Европа и Азија се сеуште непогодни за земјоделие. Овде главна прехранбена активност и натаму е ловот. Преодот кон земјоделието најпрво се случило на југ, во Средоземјето, на Балканот, во Мала Азија и првенствено во богатите речни долини на Тигар и Еуфрат во Средна Азија и на Нил во североисточна Африка. Новокамената епоха започнува во Западна Азија уште пред осмото илјадитие, на Балканот и Егејското крајбрежје во седмото, а во западна Европа (Италија, Франција) – во петтото. Додека Египет и Месопотамија преминуваат кон металот, писменоста и цивилизацијата уште пред четвртото илјадитие, населението на британските острови во третото илјадитите пред н.е. уште живее во неолитот. Различни растенија биле култивирани во различни места, во зависност од дивите растенија кои овде природно израснале и како тие се однесувале на култивирањето. На Блискиот Исток се одгледувала пченицата, јачменот, овесот(рж), махунарките, оревите, морските лешници (ф’стаци), грозје и маслинки. Во Кина преовладуваа просото и оризот. Во Африка, просото, шеќерната трска (соргум), афричкиот ориз и јамот (тропска билка). Во југоисточна Азија оризот, бананите, кокосовиот орев и јамот (кинески компир). Во Америка, кочаните, тиквите, гравот, компирите, пиперките, сончогледот.
Во Евроазија, од животните, неолитските луѓе ги припитомиле кучињата, овците, козите, говедата, свињите, кокошките, пајките а во Америка, кучињата, мисирките, ламите, алпачите и гвинејските свињи. Во Африка, првично доместицираните животни – говедото, овците и козите – веројатно биле донесени од Блискиот Исток.
Доместикацијата на растенијата и животните, ги продлабочи социјалните промени за време на неолитот. Вишокот на производи кој што се складирал, може да стане услов за збогатување на некои индивидуи, што водеше кон социјална диференцијација во заедницата. Трговијата со суровини како и со производи помеѓу различни региони, значително се зголеми за време на неолитот и многу странски и егзотични добра значеа одредена симболична вредност или статут. Некои неолитски гробови содржат богати прилози или егзотични материјали, означувајќи ги разликите во богатството, рангот или моќта.
Во одредени региони, особено во деловите на Блискиот Исток и Западна Европа, неолитските луѓе издигнале масивни церемонијални комплекси, напор кој барал силна, посветена работна сила. Големите земјени и камени – мегалитски (од џиновски камења) споменици од неолитското време (во Англија, Франција), сугерираат многу повисоко организирани политички структури и покомплексна општествена организација отколку кај популацијата на ловците-собирачи во палеолитикот.
Технолошките иновации и економската база зачнати и раширени од неолитските заедници, го постави скалилото за развитокот на комплексните општества и цивилизации насекаде во светот.

Орудие и оружје што се користело во времето на мезолитот.
Орудие и оружје што се користело во времето на мезолитот.