• Име на предметот: Уметничка слика „ Пејзаж“- современа уметност, автор: Борислав Траиковски, Битола
  • Период/датација: создадена околу 1955 година
  • Потекло: Депо за дела од современата ликовна уметност а изложена во одделот за современа уметност на – НУ „Завод и музеј“, Битола
  • Материјал/техника: ленено платно, маслени бои
  • Димензии: 70 x 50 см

Кратка приказна (опис):

Ликовниот уметник Борислав Траиковски е еден од најпознатите во Македонија. Тоа е оттаму што сите слики кои ги создал се искрени, мисловни и со длабоки негови чувства.

Во долниот лев дел е прикажан свиок од селски пат, а над него дрвени колци кои прават ограда. Од десната страна на патот е ограда од растенија високо издигнати. Зад неа во десната половина од сликата се три куќи, поредени една зад друга, насликана се само од едната страна нивната фасада и крововите кои се оштри врвови. Најважен мотив на сликата се четири високи дрвја кои се во вертикала речиси низ целата должина на сликата. Зад нив е планина со два врвови (Пелистер) и небо кое е скоро во најголем дел од половината на сликата.

Уметничка слика „ Пејзаж“- современа уметност, автор: Борислав Траиковски 2

Сликата претставува авторова дилема, мисла и преиспитување – каде води неговиот пат, неговиот живот, неговата работа, неговото размислување, пред големите одлуки (дрвјата) и пред големото непознато небо. Оваа слика авторот ја насликал на почетокот од својот творечки пат и пренесува многу прашања, недоумици и нејаснотии како и каде ќе се движи понатаму во животот.

Пејзажот е само претстава – главно е внатрешното чувство кое авторот сака во скриена форма да го сподели со нас како исповест пред големи животни одлуки и недоумици.

Сликата е изложена во одделот за современата ликовна уметност – Легатот на Борислав Траиковски, каде што е претставена историјата на современото сликарство во Битола и Македонија. Ова е важно за следење на развојот на културата и творештвото во Битола.

Текстот го подготвил:
Владо Ѓорески
НУ Завод и музеј Битола