- Име на предметот: Приврзок за молитвено ланче
- Период/датација: 11 – 12 век
- Потекло: Археолошки локалитет “Уметничка галерија Јени Џамија” – Средновековна црква Св. Ѓорги 7 до 14 век, Предметот е изложен во постојаната музејска поставка, оддел за среден век
- Материјал/техника: сребро со позлата во Ниело техника, изработен во Цариградските работилници
- Димензии: 6 x 5 x 0.7 см
Кратка приказна и опис:
Овој предмет е приврзок, кој се носел како молитвено ланче на градите и е составен од два дела – диптих, кој се отварал и затворал. Се претпоставува дека припаѓал на значаен свештеник кој патувал. Ваквите црковни реликвии се користеле како мали иконостаси. Свештеното лице кое долго патувало, кон крајот на денот или во раните утра, доколку немало црква во близина, го поставувал ланчето свртено кон исток, кое му служело како минијатутен црковен иконостас за искажување на канонските молитви.
На аверсот (предната страна), се претставени Св. Василиј, прикажан со брада и ретка коса и Св. Никола со кадрава коса и брада. Облеката на двата светители ja сочинуваат широки плаштови, по целата должина на телото. Над нивните глави се претставени ореоли, со кружни врежувања длабоко во металот. Лево и десно од фигурите се врежани букви со нивните имиња.
На реверсот, задната страна, се претставени светите воини Св. Теодор Тирон и Св. Ѓорги во стоечка позиција со копја во десната рака и со меч и штит во левата рака. Носат свечена облека до колената, со наметка на грбот, додека на нозете имаат кожни обувки до колената. Исто така и во овој дел, лево и десно од фигурите се врежани букви со нивните имиња.
Наоколу и на двете страни има рамка обележана со сребрени малечки топчиња во два реда.
Текстот го подготвил:
Слободан Стојкоски
НУ Завод и музеј Битола
You must be logged in to post a comment.