Спомен куќа на Стеван Наумов - Стив

Родната куќа на народниот херој Стеван Наумов Стив се наоѓа на ул. “Пецо Божиновски” бр.11 Битола. За прв пат музејската поставка е отворена на 4 јули 1961 година, по повод Денот на борецот, кога објектот е реконструиран и адаптиран за ваква намена. Објектот е повторно реконструиран во 1977 и 2002 година, а денешниот лик го добива со реконструкцијата во 2024 година со што се овозможени услови за нова презентација на ликот, животот и делото на Стеван Наумов Стив. Музејската поставка е поставена на простор од околу 150м2 во приземје и спрат.

Стеван НАУМОВ – Стив е истакнат припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија. Роден е на 27 октомври 1920 год. во Битола.
Неговото семејство води потекло од с. Битуша, леринско, Егејскиот дел на Македонија.

Прочитај повеќе...

Таткото на Стив, Васил Наумов заедно со својот брат Ристе, се преселиле во Битола во 1913 година, во куќата која денес е ,,Спомен-куќа на Стив Наумов“. Васил и Јана Наумови имале 4 деца: Сотир роден во 1909 година, Александра родена во 1913 година, Ѓорги роден во 1916 година и Стеван роден во 1920 година.

Уште од најраното детство Стив има темпераментен карактер, а се одликува и со неговата правичност. Покажува интерес за цртање и сликање поради што се спријателува и со познатиот уметник Тоде Ивановски кој му бил и маалски другар. На својата виолина најмногу ја свири познатата „Интернационала“ и „Широкá странá моя роднáя“ ( „Широка е мојата драга земја“). Стив е и голем љубител на природата и е редовен посетител на Пелистер, а оттаму произлегува и неговиот интерес за да изработи хербариум.

По завршувањето на основното училиште, Стив се запишува во Битолската гимназија каде што е одличен ученик. Тука се приклучува во напредното и прогресивно движење против големосрпската денационализаторска и експлоататорска политика, преку постарите ученици, како Кузман Јосифоски-Питу, Мирче Ацев, Борка Талески-Модерното и други. Откако завршува гимназија во Битола, студира на Техничкиот факултет во Белград, каде што е еден од најактивните членови на македонската група студенти во прогресивното движење поради што е примен за член на СКОЈ и на КПЈ.

Поради својата револуционерна активност во Белград Стив е уапсен и осуден на 6 месеци затворска казна. По излегувањето од затвор веќе како „искален“ револуционер Стив ја продолжува својата активност и веднаш се приклучува на студентските демонстрации и учествува во штрајкот на работниците од фабриката „Рогожарски“, поради што повторно е затворен и веднаш протеран од Белград.

По враќањето во Битола, Стив со својата енергичност и со заживувањето на повеќе партиски ќелии низ градот, успева да ја активира партиската организација на КПЈ во Битола, која е неактивна поради полициска провала. Поради тоа тој е избран за секретар на Месниот Комитет на КПЈ.

Од таа позиција развива жива активност за привлекување на нови членови, а тоа особено доаѓа до израз во битолското претпријатие за преработка на тутун познат како „Монопол“.

По Априлската војна во 1941 год. во која Кралството Југославија е поразено од фашистичката војска на Хитлерова Германија, територијата на Македонија е окупирана од фашистичка Бугарија. Стив во тоа време како секретар на МК на КПЈ веднаш почнува да работи на прибирање на оружје, муниција и друг воен материјал како и на организирање на оружено востание. Се спротивставува на решението на Методија Шаторов-Шарло за поврзување на македонската партиска организација кон БКП. Многу рано од периодот на окупацијата, во јули 1941 год., преминува во илегала. Ја осмислува и организира т.н. Илинденска демонстрација во Битола на 2 август 1941 год. преку која бугарскиот фашистички окупатор се обидува да го претстави Илинден како „бугарски“ празник со прослава кај месноста „Ат-Пазар“ во Битола.

Го организира и раководи формирањето на Битолскиот ПО „Пелистер“ во април 1942 год. чиј командант станал токму братот на Стив, Ѓорѓи Наумов. На 6 мај 1942 год. во Битола на локацијата позната како „Старо Медицинско училиште“ го убива полицискиот бугарски началник Александар Ќуркчиев.

Во јуни 1942 год. станува член и политички комесар на Оперативниот штаб на Народноослободителните и партизански одреди на Македонија.

Непосредно учествува во формирањето на Битолско-преспанскиот ПО „Даме Груев“ на 6 јули 1942 год. над ресенското с. Златари.

Го раководи нападот на овој одред над полициската станица во с. Кажани, битолско, на 18-19 август 1942 год. Загинува на 12 септември 1942 год. во с. Болно заедно со народниот херој Мите Богоевски. Прогласен е за народен херој на Југославија на 29 јули 1945 год. како еден од првите борци кои го добија ова одликување заедно со Мирче Ацев, Орце Николов, Страшо Пинџур, Христијан Тодоровски-Карпош и Кузман Јосифовски-Питу.