Извадок од публикацијата: „КАДЕ E НАШЕТО МИНАТО – ВОВЕД KOH ПРАИСТОРИЈАТА HA ПЕЛАГОНИЈА“
Издавач: з.г. “ВИСОИ” – Битола, НУ ЗАВОД И МУЗЕЈ – Битола; Текст: Марија Василева; Фото: Јован Василевски; Превод на англиски: Афродита Костовска; Лектура: Методија Размовски (македонски), Софија Атанасова (англиски); Рецензија: Србиновски Пеце, Симоска Драгица Подготовка и печат: “АРТ-СТУДИО” – Битола; Битола, февруари 2005.
Железото му е познато на човекот од многу одамна во своите изворни форми: на блискиот исток го користеле уште пред 3 илјадитие, а во египетските гробови најдени се мали делови од накит направени од железен метеорит. Но, за долго време тоа се употребувало само при случајно наоѓање.
Први кои го разбрале и откриле значењето на преработката на железото од рудата, биле Хетитите во регионот на денешна средна Турција, некаде околу 1400 г. пред н.е. Железото се среќава често во природата, неговите руди како лимонитот, хематитот и др. се широко распространети. Некогашните рудари можеле да ја собираат рудата по површината на земјата, но и ровареле во внатрешноста на земјата за да извадат руда. Металуршкиот процес кој не се изменал со векови, се состоел во издвојување на металот на високи температури: претворање на железните оксиди во железо. Во печки изградени од камен и глина, се редела рудата во хоризонтални пластови наизменично со дрвен јаглен: железото почнува да се топи на 900°С и на температура од 1100° -1400°С се излива во густа маса која се собира во дното од печката. После тоа печката се рушела за да се стигне до железото. Добиеното железо не било чисто, така што другите минерали се отстранувале со исчукување. Вакви парчиња железо тешки 8 -10 кг, погодни за транспорт, се купувале од ковачите кои со ковање ги трансформирале во употребливи предмети, најчесто оружје и орудие.
Ширењето на новиот метал низ Европа како една технолошка новина која битно ќе го измени начинот на живеење на популацијата, го означи новото време во еволуцијата на човештвото, наречено железно време, кое во главно се одвива во I илјадитие од пред н.е.
Во почетокот на I милениум пред н.е. Пелагонија како и целиот Балкан е се уште под влијание на немирите од претходниот период, предизвикани од сукцесивните напади и миграции на народите од север. Тоа е времето кога постепено се стабилизира животот на популацијата и се прифаќаат културните новини на новодојдените племиња. Во 8 в. пред н.е., железото веќе нашироко се употребува, новите племенски заедници се оформени и културата е стабилизирана. Во јужниот дел од Балканот, преку сојузот на хеленските племиња и пред се како придобивка од културните дострели во минатото, се создава јадрото на старата грчка цивилизација.
Овие значајни случувања во последното илјадитие на стариот век во овој дел од светот, ќе го трасираат понатамошниот смер во развојот на Европа и светските збиднувања низ вековите: прво преку македонските освојувања со Александар, па со ширењето на Римското царство, во средниот век со Византијската цивилизација, со културното ширење преку колонијализмот и освојувањето на континентите во новиот век и на крајот, во денешно време, со преродбата на старата грчка демократија во современите глобални услови, низ почитувањето на правата на народите и запознавањето со нивните култури.
Пелагонија, која се наоѓаше во северозападната периферија на оваа голема цивилизација, секако дека ги уживаше и нејзините придобивки. Но, ова време кај нас речиси и не е истражено: освен, случајните наоди и неколкуте делимично ископани некрополи (Висои – Петилеп, Сарај -Брод, Црквиште – Трап, Бел Камен, Влаку -Живојно, Прогон – Букри, Ластојца – Драгош, Каранка, Возиштата – Рапеш,, Марта – Зовиќ, Најданка – Орле и др), населба досега не е ископувана. Со ископувањата на лок. Висои -Петилеп, откопан е поголем тумул со 43 гроба со ковчези од камени плочи т.н. цисти. Во центарот е најстариот гроб околу кој се радијално распоредени другите – во кружен простор ограден со камен, па покриени со земјана калота (т.н. тумул). Тоа е всушност фамилијарна гробница со родоначелникот во центарот, употребувана неколку века. Некрополата сочинувала повеќе вакви тумули. Помеѓу нив, случајно е откриен гроб од 6/5в. пред н.е’ на кремирана припадничка на побогатата класа, кој содржел престижни скапоцени предмети: златна маска, сребрен накит, јантарен гердан, бронзени садови. Тоа зборува за раслоено општество на богати и сиромашни, на работодавци и работници, на аристократија која може да си дозволи да купува од познатите работилници и селанството, задоволено со домашното производство. Според натписот на камена плоча од 4в. пред н.е., пронајден во Грција, во Пелагонија живеело племето по име Пелагонци, а ги предводел нивниот крал Менелајос. Кои биле тие, на каков јазик зборувале, каков бил нивниот начин на живот, нивната религија, и општествено уредување, засега не знаеме. Некрополите дадоа материјал од сите периоди на железното време, но скромните гробни наоди не откриваат многу за културата на населението. Во железното време овде живеело и македонското племе Линкести во земјата Линкестида (јужна Пелагонија), чиј град во подоцнежните времиња ќе стане главен центар во околијата (Хераклеја Линкестидска).
Борбен шлем од бронза; Прогон-Букри, Кременица
Бронзени белезици; Висои, Беранци
Бронзени брошеви (фибули); Висои, Беранци
3 бронзени секири (лабриси) – 0063 симбол на висок војнички статус; Висои, Беранци
Рачно работена керамика; Сарај, Брод
Праисторијата e најмалку проученото време. Оддалеченоста од сегашноста и немањето пишани податоци, го отежнуваат нејзиното откривање. Потребни се многу повеќе вложувања во истражувањата за да може поконкретно да се разјасни одредена култура. Од друга страна, праисториските материјални остатоци кореспондираат со современиот етнолошки материјал. Тоа само зборува за континуитетот во милениумската традиција. Поробувањата во текот на 2-те илјади години од новата ера, не ги збриша мислите на Македонецот пренесени во предметите што ги изработувал и во песните што ги пеел. Ако ги бараме никулците на нашата култура, тогаш треба да се осврнеме во далечното минато на ова тло – праисторијата.
You must be logged in to post a comment.