- Име на предметот: Женска фигурина
- Период/датација: Неолит/ 6000-5700 год.п.н.е
- Потекло: Велушка Тумба, село Породин
- Материјал/техника: глина/рачна изработка
- Димензии: висина 6 см
Кратка приказна и опис: Неолитските фигурини се едни од најзначајните предмети преку кои добиваме информации, на кој начин праисториските луѓе ги согледувале своите тела. Тие не се само парче глина што отсликуваат некого, тие се предмети со особена динамика, кои биле вклучени во мноштвото животни активности на праисторискиот човек, станувајќи дел од неговиот идентитет, магиските обреди, економијата, детските игри и забавата. Разгледувајќи ги визуелно може да се увиди дека нивното прикажување не се однесува на некакви конкретни ликови.
Женската фигурина на која даваме осврт е пронајдена при археолошките ископувања на неолитскиот локалитет Велушка Тумба, село Породин. Нејзината изработка е од глина во стоечка положба, со благо заоблен стомак, нагласени глутеи и раце поставени веднаш под градите.
На оваа фигурина се издвојува еден специфичен елемент кој може да има повеќе значења, имено се работи за кружна апликација на која се претставени две продупчувања. Не можеме со сигурност да тврдиме дали се работи за апликација која ги сокрива женските репродуктивни органи или пак има симболичен карактер со мајчински обележја. Истакнувањето на женските атрибути на оваа фигурина ни го открива местото на жената во неолитското матријархално општество.
Жената преточена во симбол, обликувана во фигурина, укажува на тоа дека таа била многу почитувана во тогашниот општествен поредок, а нејзиниот придонес во заедницата бил особено значаен.
You must be logged in to post a comment.