- Име на предметот: Жртвеник – модел на куќа
- Период/датација: Среден неолит / 5800 – 5200 год. п.н.е
- Потекло: Археолошки локалитет „Ѓорев Рид“, Суводол, битолско
- Материјал/техника: глина / рачна изработка
- Димензии: Висина – 29 см, должина – 16 см, ширина – 15.6 см
Кратка приказна и опис:
Жртвеник – модел на куќа, со детали од човечко тело. Оџакот е жената претставена до половина, нејзиното здолниште е кровот, а самата куќа – утробата. Влезот е прикажан со врежан триаголник поставен со врвот на долу, симбол на женскиот полов орган. Долниот дел од жртвеникот има квадратна основа и кружен отвор на подот.
На страничните ѕидови се претставени по два триаголни прозорци, на задниот дел еден правоаголен влез. На врвот на оџакот има отвор, лицето е многу мало и назначено во вид на триаголник, а под него се градите и двете раце кои се со мали димензии. Здолништето е претставено со вертикални низи во вид на брадавици. Бојата е светло црвена, на едната страна се забележуваат траги од горење.
Постојат повеќе варијанти за функцијата на овој предмет, едната е можноста за користење како светилка. Додека пак другата е употребата како жртвеник, преку чии отвори биле внесувани предмети, продукти или течности. Начинот на кој се обликувани ваквите предмети не доведува до нивното примарно симболично значење, во чија внатрешност се одвивал главниот обреден процес.
Текстот го подготвил:
Јасмина Гулевска
НУ Завод и музеј Битола
You must be logged in to post a comment.