- Име на предметот: Алабастер вазна
- Период/датација: 19 век
- Потекло: Западна Европа/импорт
- Материјал/техника: Алабастер/рачна изработка
- Димензии: 20 х 21 сm.
Кратка приказна и опис:
Украсна плитка вазна со кружна форма на една нога, која е поставена на шестаголно постоље. Вазната е изработена од алабастер, што е всушност минерал или мек камен, кој уште од античко време се користел за изработка на украсни артефакти, како и скулптури, бидејќи бил лесен за обработка и резбање. Зборот алабастер доаѓа од грчкиот збор „ἀλάβαστρος“ (албастрос), чиј буквален превод е „вазна од алабастер“, каков што е и нашиов предмет.
Музејската алабастер вазна е спој на сето горе наведено, не само поради материјалот од кој е направена и нејзината намена како украс, туку и поради нејзиниот изглед кој потсетува на античка вазна. Генијалниот мајстор добро познавајќи ја историјата на алабастерот, како и античките форми, на горниот дел по целиот надворешен раб изрезбал големи цветови и гроздови, кои изгледаат како да се малку овенати и паѓаат преку вазната. Нивните дршки надолу се слеваат кон постолјето во вид на извиткана спирала, со завршеток во форма на три делфини чии клунови го допираат шестаголното постоље.
Вазната била изработена во 19 век, во период кога сите гранки на уметноста, меѓу кои спаѓа и применетата народна уметност, црпеле инспирација од антиката, од што повторно можеме да заклучиме дека ништо не е случајно во нејзината изработка. Многу покуќнински предмети од тој период, пристигнати во најголем дел од Западна Европа, преку Солун во Битола, оставаат впечаток на предмети од златното античко доба. Меѓу нив спаѓа и нашата вазна, која красела некој од многуте богати битолски домови, пред да го најде својот втор дом во Градската соба на битолскиот музеј.
Текстот го подготвил:
Ефросинија Паревска
НУ Завод и музеј Битола
You must be logged in to post a comment.