• Име на објектот: Објект на Национална установа Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Битола
  • Период/датација: Средина на 19 век
  • Материјал/техника: Темелите на објектот се градени од камен, додека зидовите на истиот се од тула, a меѓукатната конструкција е армиранобетонска
  • Димензии: 80×46 м и висина од околу 10 метри (до венец)

Кратка приказна (опис):

Поранешната зграда на касарната Стив Наумов во Битола денес НУ Завод и музеј е сместен на крајот од пешачката зона која почнува од Старата битолска чаршија и води кон Широк сокак и продолжува кон градското шеталиште и археолошкиот локалитет Хераклеја.

Објект на Национална установа Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Битола
Објектот е изграден за воено училиште во 1848 год кога градот бил воен, административен политички и трговски центар на Европска Tурција.
Во 1900 год со преселувањето на воената академија од Цариград во Битола овој објект станува седиште на воената академија и тоа е до 1909 год. Тука се школувале многу видни личности како што се Мустафа Кемал Ататурк основач и прв председател на современа Турција, потоа Нијази Беј водач на Младотурската револуција од 1908 год. Како професор кој работел тука се споменува и Тефик Беј кој ја напишал книгата „Историја на градот Битола“. Од Балканските војни до 1974 год објектот бил користен како воена касарна, а од 1976 год тој е седиште на Завод и музеј.
Според своите историски и архитектонско естетски вредности тој е заштитено добро, а во архитектонска смисла истиот представува синтеза на западноевропската и ориентална архитектура. Едноставниот и смирен неоренесансен стил на фасадите се надополнува со ориенталните стилски елементи на прозорите, влезовите и атиката.Овој објект има нагласена влезна партија со убава дрвена врата, а лево и десно од неа мермерни четвртасти столбови. Над влезната врата се наоѓа и рељеф од мермер кој е обоен и со арапски натпис кој има приближна ширина на вратата. Балконот на овој објект е потпрен на конзоли од ковано железо од што е направена и оградата на истиот. На катот како и во приземјето прозорците се симетрично распоредени со околупрозорски венци богато профилирани како и оној на балконската врата, а над неа се наоѓа атика на која има вградено мермерна плоча на која има фино исклесани флорални мотиви. Од двете страни на балконската врата има пиластри кои имитираат камени тесани блокови со нагласена хоризонтална поделба.
Денес во склоп на музејот постои соба на Мустафа Кемал Ататурк и стална музејска поставка, исто така се одржуваат разни културни манифестации во текот на целата година.