Спомен музејот посветен на великанот на Македонското ослободително движење се наоѓа на ул. „Стевче Патако“ бр.11 Битола.
Отворањето на овој музеј е иницирано по повод престојот на Гоце Делчев во Битола во 1901 година во овој објект. Главната негова цел при овој престој му беше да се сретне со неговиот сакан другар и соработник Даме Груев, основоположникот на ТМОРО, кој во овој период се наоѓаше во Битолскиот централен затвор.
Во 1987/88, по извршената темелна реконструкција на објектот и изработениот елаборат, по повод 85 годишнината од загинувањето на Гоце Делчев, на 4 мај 1988 година свечено беше промовирана постојаната музејска поставка.
Поставката содржи две изложбени простории со вкупна површина од околу 37 м2 , од кои во првата просторија е сместена содржина “За животот и револуционерната дејност, на првоапостолот на македонското ослободително дело”. Во оваа просторија како континуитет на Гоцевата револуционерна дејност со бројни документи и фотографии прикажана е состојбата и настаните во Битолскиот револуционерен округ. Од бројните поместени експонати во оваа поставка значајно место зазема револверот подарен од Гоце Делчев на Михаил Ракиџиев, сопственик на куќата и член на Окружниот комитет на Битолскиот револуционерен округ.
Во оваа поставка изложен е и оригинален експонат од 1905 година, (вез од ситни мониста во разни бои со претстава на еленче што пие вода), кое е посветено и подарено на Михаил Ракиџиев од затворениците кои за иста цел се наоѓаа со него во Централниот битолски затвор.
Во составот на поставката, во соодветна просторија, поставена е витрина со симболите на револуционерната заклетва на Организацијата како и оружје од Илинденскиот период.
Како составен дел на оваа музејска поставка, во собата во која престојувал Гоце Делчев и во која се одржувале состаноците, задржан е ентериерот со амбиентот во оригинална состојба. Исто така во оваа соба, за да се наслика автентичноста на времето, поместени се материјали од тие години.