• Име на предметот: Трагична маска со ликот на Херакле, непознат автор
  • Период/датација: 2 век нова ера
  • Потекло: Хераклеја Линкестис
  • Материјал/техника: Мермер
  • Димензии: висина 48 см

Кратка приказна (опис):

Трагична маска со ликот на Херакле - постојана поставка - НУ Завод и музеј БитолаВо состав на секој римски театар биле поставувани симболите на истиот – трагична и комична маска. Трагичната маска прикажува тажен изглед, а комичната маска се смее. Имаме и трет тип на маска а тоа е маска за пантомима која што има затворена уста.
Театарската маска е верен придружник на актерите и води потекло од култните свечености во чест на богот Дионис. Со продорот на театарот таа добива сценска содржина. Кулминацијата ја доживува во грчките антички театри, додека во римскиот период почна да се употребува во 1 век пред наша ера. Римската театарска маска е работена по пример на грчките, но има и свои специфичности. Димензиите се нагласени, отворите на очите и усните се поголеми, а веѓите се значително зајакнати. Косата е стилизирана.
Трагичната маска во Хераклеја е најдена во шутот на цистерната од рановизантиската фонтана и тешко може да се утврди каде таа точно стоела. Најверојатно била поставена на предниот дел од скената, т.е. била аплицирана на зидот. Врз главата на Херкулес е префрлена лавовска кожа при што ноздрите, забите од горната и долната вилица и двата секачи од горната вилица се прикажани над челото, а двата долни секачи се во висина на брадата до каде што допира и останатиот дел од кожата. На лицето се истакнуваат широко отворената уста со израз на бол и очните шуплини. Брадата е густа а веѓите нависнати надолу и нагласени и челото е набрано.
Трагичната театарска маска е изложена во античкото одделение на постојаната музејска поставка во НУ Завод и музеј – Битола каде што е претставен архајскиот, класичниот, македонскиот и римскиот период од животот во овие краишта и е важен елемент од спознавањето на културата на нашите претци.

Close Menu
Accessibility