- Име на предметот: Вазна со цртеж на Аја Софија
- Период/датација: 19 век
- Потекло: Отоманска Империја
- Материјал/техника: Порцелан/занаетчиска изработка
- Димензии: 23 х 16,5 сm.
Кратка приказна и опис:
Вазната претставува занаетчиски производ од порцелан, со потекло од 19 век. Формата и е како на пехар или можеме да кажеме и чаша која што се проширува нагоре кон отворот, поставена на широко кружно постоље. Врз целата нејзина површина е нанесена глазура.
Она што побудува интерес кај оваа вазна и ја прави посебна, не е нејзината големина или пак квалитетната изработка на занаетчијата, што секако е неспорна, туку застапената декорација на неа. Декорацијата е изведена рачно и претставува детален цртеж на Аја Софија или Света Софија во Цариград, денешен Истанбул. Аја Софија денес е наречена Големата џамија, а до 15 век била главна византиска црква. Била изградена во 4 век и 1000 години го носела називот„најголемата црква“. За неа се смета дека ја променила историјата на архитектурата. Со освојувањето на Цариград од страна на Отоманците во 1453 г., султанот Мехмед II наредил таа да биде претворена во џамија.
Со оглед на историјата и значењето што го имале Аја Софија и Цариград во тогашната Отоманска Империја, како и сега, голема е веројатноста оваа вазна да била купена или донесена како сувенир кој го красел домот на некоја од богатите буржоаски фамилии, христијански или муслимански, во Монастир (Битола) во тоа време.
Текстот го подготвил:
Ефросинија Паревска
НУ Завод и музеј Битола
You must be logged in to post a comment.