Како поубаво да се одбележи 18ти мај, меѓународниот ден на музеите, ако не со поставување на, не една, туку две изложби на НУ „Завод и музеј“ – Битола, во Археолошкиот музеј во Драч.


Имено вчера, во организација на македонската амбасада во Тирана, и амбасадорот Данчо Марковски, Општина Драч, и двата музеи, имавме можност пред албанската публика, за прв пат да поставиме две изложби, „Невестински соништа“ – касели и ковчези од Битола и битолско на авторот д-р Мери Стојанова и „Градски костими“ на авторот Наде Геневска Брачиќ.


Двете изложби претставија еден значаен сегмент од македонската традиционална култура, и еден мал дел од етнолошките колекции на НУ „Завод и музеј“ – Битола.

Во рамките на овој настан беше потпишан и Меморандум за соработка помеѓу двете институции НУ „Завод и музеј“ – Битола и Археолошкиот музеј во Драч, со што всушност беше направен првиот чекор за продолжување и продлабочување на меѓусебната соработка помеѓу двете институции.


Огромна благодарност на вработените во македонската амбасада, а особено до Blerta Sali за експедитивноста и безрезервната поддршка, како и вработените во Општина Драч, за поддршката при реализацијата на овој настан.

На отворањето на изложбите покрај другите гости присуствуваше и директорот на Македонскиот културен центар во Тирана Златко Ориѓански, замeник министерот за култура на Р. Албанија, како и словенечкиот амбасадор во Тирана.