Активноста се реализира во рамките на Проектот SMART_CUL_TOUR, дел од Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Северна Македонија – Република Албанија 2014-2020.

Вкупниот буџет на проектот кој се спроведува во рок од 24 месеци, изнесува 704,590 Евра, од кои 85% се ко-финансирани од страна на Европската Унија, додека останатите 15% ги обезбедува Владата на Република Северна Македонија, преку Министерството за локална самоуправа.
Активноста која ги опфаќа адаптацијата и подобрувањето на археолошкиот локалитет Хераклеа Линкестис е со вкупен буџет од 132,000 евра и истата ќе доведе до значително унапредување на состојбата на Хераклеа, подобрување на условите за посета, како и збогатување на туристичката понуда воопшто.

Покрај инфраструктурните зафати кои се однесуваат на поплочување на пешачката патека од влезот на локалитетот па сѐ до Театарот, изработка на соодветни практикабли за поставување на нова сцена во него, потоа зафати врз видиковецот, поставување на соларни светилки долж целата пешачка патека, ќе бидат превземени и други активности. Ќе биде поставен лифт за лица со посебни потреби, па за прв пат на оваа категорија на посетители ќе им се овозможи пристап до Театарот,каде се одржуваат голем број на културни настани, но и до Видиковецот, од каде имаат преглед врз целиот локалитет.

За збогатување на комплетната туристичка понуда, ќе се изврши и осовременување на музејот и поставување на нова музејска поставка во која ќе бидат изложени поголем број на предмети, откриени при археолошките ископувања во Хераклеа, а кои посетителите досега немале можност да ги погледнат тука.

Единиците за контрола на влез, кои ќе бидат поставени во рамките на самиот локалитет, ќе овозможат побрзо и побезбедно движење на посетителите при влезот, но и ќе овозможат подобра евиденција на видот и категоријата на посетители, податоци кои се исклучително важни за креирање на самата политика на работа на локалитетот.

Кон подобрувањето на услугата значајно ќе придонесе и изработката на соодветен аудио водич кој што посетителите ќе може да го превземат од интернет, преку користење на нашата бесплата wi-fi услуга. Овој аудио водич ќе биде изготвен на 7 јазици, и истиот ќе овозможи поголема независност на посетителите и нивна подобра информираност, во зависност од нивните афинитети.

Оваа проектна активност ќе биде оплеменета и со осовременета сувенирница, во која ќе понудиме поголем и поразновиден асортиман на музејски сувенири.

За оние посетители, кои сакаат да видат и доживеат нешто ново и поинакво, а особено за помладите посетители кои на некој начин се нераскинливо врзани со новите технолошки достигнувања, во соработка со Општина Битола, на неколку точки од локалитетот ќе биде поставена соодветна опрема за таканаречената “augmented reality”, но и за виртуелна реалност, која ќе даде еден позасилен и пореалистичен приказ на локалитетот во одреден временски период.

Преземете:

Фото  галерија