Започна проектот RE-MIND во кој НУ Завод и музеј Битола е еден од партнерите

„RE-MIND: Модел за градење капацитети заснован на свесна присутност за дигитална благосостојба и вклучување на меѓугенерациската публика во музеите“ е проект финансиран од Европската Унија, кој се спроведува во периодот од март 2026 до февруари 2029 година. Во проектот се вклучени 11 партнери од 7 европски земји — Србија, Италија, Хрватска, Полска, Словенија, Босна и Херцеговина и Македонија, а координатор е Институтот Minds Europe.


Главната цел на проектот е да развие модел на „Свесен музеј“ (Mindful Museum) — иновативен пристап што ги интегрира свесната присутност (mindfulness), смирената технологија и меѓугенерациската инклузија во музејското образование и вклучувањето на публиката. Посебен акцент се става на зајакнувањето на различните возрасни групи — децата, припадниците на генерацијата З и повозрасните лица — за заедничко создавање културни искуства.
Проектот се осврнува на клучните приоритети на Новата европска агенда за култура преку јакнење на професионалните капацитети на музејскиот персонал со помош на структурирана, модуларна програма за обука, олеснување на меѓугенерацискиот пренос на знаења, промовирање на социјалната инклузија на маргинализираните групи и придонес кон менталната благосостојба и емоционалната отпорност.

Резултатите од проектот ќе бидат реализирани преку Паметен екосистем за учење (Smart Learning Ecosystem), кој опфаќа 29 проектни резултати, распоредени во 6 работни пакети. На овој начин ќе се создаде модел што може да се применува и надградува, со цел да се поттикне свесно и урамнотежено користење на дигиталните технологии во музеите низ Европа.

Следете го проектот на неговата веб-страница, на Facebook, Instagram и LinkedIn.