• Име на предметот: Аскос – керамички сад
  • Период/датација: Неолит, 6000 – 5700 год. п.н.е
  • Потекло: Пронајден при археолошки ископувања во 1970те години на неолитскиот локалитет Велушка Тумба, село Породин.
  • Материјал/техника: Глинен сад/ изработен рачно/ делумна реконструкција/ украсен во барботин техника
  • Димензии: Висина – 26 см, радиус на обод – 9,4 см

Кратка приказна и опис:

Аскос – името е додадено во современа терминологија според антички тип на сад кој се користел за пренос на течни материи. Во нашиов случај се работи за рачно изработен неолитски сад со редок облик, кој наликува на денешната форма на ранец.

Керамичкиот сад е со складишно – транспортна функција. Самиот облик со нагласен крушковиден стомак и закосен цилиндричен врат низ кој се излевала течноста, укажува на неговата складишна функција. Додека пак транспортната улога се содржи во задната зарамнета страна на садот на која се профилирани четири хоризонтални тунулести дршки поставени во два реда, и една тунулеста рачка на предната страна на садот.

Аскос - керамички сад, Неолит, 6000 - 5700 год. п.н.е

Задниот зарамнет дел бил потпиран на грбот на особата која го носела или пак едноставно бил поставуван во висечка положба во внатрешноста на неолитската куќа. Низ предната тунулеста рачка садот бил обиколен со јаже кое се провнувало низ задните тунулести рачки овозможувајќи лесно прицврстување на садот. На предната страна на стомакот од садот, од половина на долу е украсен со барботин декорација. Оваа техника се употребувала во времето на неолитот претежно на големи садови, се изведувала со нанесување на свежа глинена маса на садот пред неговото печење. Ваквата декорација се смета дека била со практична намена сè со цел да се овозможи полесно и безбедно пренесување на садовите.

Текстот го подготвил:
Јасмина Гулевска
НУ Завод и музеј Битола