• Име на предметот: Уметничка биста „ Лудвиг ван Бетовен“- современа уметност, автор: Александар Цане Јовановски, Битола
  • Период: создадена кон средината на седумдесеттите години на минатиот век.
  • Потекло: Депо за дела од современата ликовна уметност, а изложена во одделот за современа уметност на – НУ „Завод и музеј“, Битола
  • Материјал/техника: лиен бетон
  • Димензии: 35 x 25 Х 17 см

Кратка приказна и опис:

Бистата е изработена од битолскиот вајар Александар Цане Јовановски. Тој е познат по бројни бисти на композитори, партизани и непознати модели.

Уметничка биста „Лудвиг ван Бетовен“- современа уметност, автор: Александар Цане Јовановски

Претстава: Ова е биста во природна големина на композиторот Лудвиг ван Бетовен. Во горниот дел е извајана бујна коса издигната нагоре. Под неа е големо и испакнато чело. Ликот е во грч, со стегнати усни, што го прави целиот израз многу сериозен и енергичен. Вајарот не сакал да направи скулптура која би била верна на ликот на композиторот. Тој на самиот лик потенцирал одредени елементи со кои сакал да ја долови снагата, силината и неверојатната енергија на музиката што ја создавал овој композитор. Скулптурата и ликот му послужиле само како основа за да ги прикаже бујните звуци на симфониите на овој голем композитор.

Вајарот Александар Цане Јовановски, создавал во стил наречен – реалистички импресионизам. Тоа значи дека него како автор не го интересира реалноста толку многу туку внатрешната импресија. Така, на пример, слушаќи ја музиката тој ја обликувал преку ликот на композиторот. Не се работи во овој случај само за ликот на композиторот туку за емоциите што ги имал авторот слушајќи ја неговата музика.

Затоа сликарството и вајарството се чувства и емоции кои се претставени на свој начин – како музиката или поезијата само што медиумот на изразување на истите чувства е различен.
Сликарството и вајарството се чувствува енергетски и чувствено преку внатрешната енергија што ја зрачат и која нашето срце секогаш непогрешливо може да ја открие.
Бистата е изложена во одделот за современата ликовна уметност.

Текстот го подготвил:
Владо Ѓорески
НУ Завод и музеј Битола