• Име на предметот: Пафти
  • Период/датација: Крај на 19ти – почеток на 20ти век
  • Потекло: Домицилно – локална битолска кујунџиска работилница
  • Материјал/техника: Сребро со позлата/техника на леење и исчукување
  • Димензии: 26,6 х 10 см.

Кратка приказна и опис: Прикажаните пафти се традиционален женски накит, кој бил составен дел од битолската градска носија некаде до првите децении на 20тиот век, и кој се носел на таков начин што, биле прикачени на појас, кој се врзувал на половината и се закопчувал со нивна помош. Им припаѓаат на видот на бадемасти пафти со благо свиткани краеви нагоре, уште наречени и пафти со форма на индиска палмета.

Пафти, крај на 19ти – почеток на 20ти век

Изработени се од сребро со позлата, во техника на леење и исчукување. Составени се од два еднакви дела кои се спојуваат со кука со која се закопчувал појасот. Преку куката за закопчување е залемена украсна плочка наречена “цвет“ или „штит“, со што се добива впечаток дека пафтите се составени од три делови, а со тоа делуваат побогато и се истакнува естетската компонента во изработката.

Застапената декорација на површината е изработена со помош на техника на исчукување, на таков начин што од украсната плочка, која баш изгледа и како штит, се изведени две саксии со цветови кои се шират и расцветуваат кон надворешните краеви на пафтите, кои пак, се врамени со растителна и геометриска орнаментика по рабовите, во форма на украсна рамка.