• Име на предметот: Фибула – игла за прикачување на облека
  • Период/датација: Средно железно време/ 8 – 6 век п.н.е
  • Потекло: Погребен наод од тумул „ Висои Беранци“ – битолско
  • Материјал/техника: Бронза / лиење
  • Димензии: 14.7 см x 6.3 см

Кратка приказна и опис:

Зборот фибула доаѓа од латинскиот глагол figere што значи закопчување. Фибулата всушност претставува игла за прикачување на облеката, со практична и декоративна намена. Најчесто фибулите се пронаоѓани како погребен материјал, биле поставени на едно од двете рамена или пак на средината на градите на покојникот.

Фибула - игла за прикачување на облека, Средно железно време/ 8 - 6 век п.н.е

Освен практична функција фибулата претставува важен декоративен елемент кој е поврзан за облеката која се носела во одреден временски период. При археолошките истражувања во 1954 година на тумулот на локалитетот Висои Беранци се откриени 42 гроба од железно време. Бронзената фибула која ја опишуваме е пронајдена во еден од гробовите. Се работи за фибула во форма на очила, изработена од спирално извиена бронзена жица која формира два диска, и осмица во средината. На задната страна на фибулата се наоѓа игла за прикачување. Ваквите типови на фибули се едни од најпопуларните форми на железнодопски накит на Балканот.