Н.У. Завод и музеј – Битола го реализираше првиот меѓународен вебинар “Допир на уметноста”- вклучување на слабовидите и слепите лица во музеите, денес на 21.01.2021 год. во 10.00 часот

Покрај раководителот на проектот Д-р Ирена Ружин предавања одржаа:

  • м-р Жељка Сушиќ, дипл.тифлолог, музејски советник,Хрватска “Дај пет! Слепите лица и ликовната уметност“
  • м-р Милена Милошевиќ Мициќ, историчар на уметност, музејски советник, Србија- “Унапредување на пристапноста, искуствата на Роднокраен музеј Књажевац”
  • Татјана Мијатовиќ, инж. архитект, Босна и Херцеговина “Тактилните слики и модели-Нови технологии-нови можности“
  • м-р Јове Парговски “Унапредување на пристапноста за слабовиди и слепи лица, искуства во Н.У. Завод и музеј” Битола

Излагачите се членови на Балканската музејска група за пристапност (BMAG) при Балканска музејска мрежа (BMN).

Модератор на настанот беше м-р Аида Вежиќ- Босна и Херцеговина – Генерален секретар на Балканска музејска мрежа.

Меѓународниот вебинар предизвика голем интерес, на кој се пријавија над 80 учесници. На крајот на вебинарот беше отворена и промовирана новата Тактилна изложба на НУ Завод и музеј Битола во мала сала, која од денес може да се посети под утврдени протоколи заради специфичноста на изложбата, а за неколку дена ќе бидат промовирани нови видеа и аудио нарации за 10 експонати од музејската поставка.

Изјава на д-р Ирена Ружин:
“Големо е задоволството што имавме огромен број на заинтересирани колеги, претставници на aсоцијациите на лица со попреченост, од образование, универзитети, на денешниот вебинар, прв од ваков вид организиран во НУ Завод и музеј Битола. Се радуваме на позитивните коментари на крајот на вебинарот како и при промоцијата на новата Тактилна изложба во мала сала.
Пристапноста е актуелна тема на која се дава големо значење во сите современи музеи, нашата институција веќе неколку години наназад успешно ги реализира проектите наменети за лица со попреченост.

Предизвик за секој современ музеј е да се почитуваат човековите права, да ги отстрани физичките препреки, (проблем кај голем број музеи сместени во згради споменици на култура) но и да овозможи сензорно искуство, интелектуална пристапност, со еден збор- грижа за секоја публика. Музеите се за сите, односно мора да се работи на прилагодување на музеите кон публиката а не да очекуваме публиката да се прилагодува на музеите. Препреките ги прави човекот и околината. На сите препреки мора да се внимава пред подготвувањето на изложбите и поставките, иако може да се прават интервенции и подоцна. Најдобро да се употребува универзален дизајн. Не треба да не интересира индивидуалната попреченост или дијагноза туку да се насочиме на нашиот простор, програма, услуги и искуство кое можеме да го дадеме. Музеите ја имаат можноста да бидат двигатели во современото општество и да го менуваат животот на луѓето, односно да го подобруваат квалитетот на живеење.

За неколку дена ќе ги промовираме и новите видеа на знаковен јазик, аудио нарациите за нови 10 експонати од нашата музејска поставка. Овие активности се поддржани од Министерство за култура во соработка со тим експерти од земјава и регионот.”