Во пресрет на денот на лицата со попреченост, на 25.11. во 12 часот беше промовирана мултисензорна изложба „Музеј за сите- сликите можат да се допрат, сликите зборуваат“, составена од 16 тактилни панели.
Оваа изложба е продолжување на проектот „Музеј за сите“, во кој преку примена на современи решенија, се подобрува пристапноста до музејските содржини.

Мултисензорна изложба - Музеј за сите- сликите можат да се допрат, сликите зборуваат
Досега се опфатени повеќе од 100 предмети од музејската поставка, кои со соодветен опис и квалитетни фотографии, се поставени на веб страната на музејот. На овој начин, овие предмети се прават достапни 24/7 за сите „онлајн“ посетители ширум светот, а во исто време преку употреба на QR кодови во музејската поставка, се збогатува приказната за секој музејски предмет.
Дополнително, за секој предмет се изработени и видеа на знаковен јазик наменети за лицата со оштетен слух и тактилни паноа за лицата со оштетен вид.
Тактилното пано е составено од тактилна слика за музејски експонат од НУ Завод и музеј Битола, пропратена со опис на Брајово писмо. Описот клучен елемент за разбирање на тактилната слика од страна на слепите лица и голем проблем претставува непознавањето на Брајово писмо.

Нов момент во изложбата која моментално е изложена во Мала сала на НУ Завод и музеј Битола, е употребата на NFC тагови, кои во комбинација со паметен телефон, им овозможуваат и на лицата кои не знаат да читаат Брајово писмо, да можат самостојно да ја посетат изложбата.

Проектот е поддржан од Министерство за култура.

Д-р Ирена Ружин- раководител на проектот;
м-р Јове Парговски – изработка на тактилни слики, автор на концептот

Подготовка на текстови/ описи на предмети:
Владо Ѓорески, Ефросинија Паревска, Јасмина Гулевска, Слободан Стојкоски;
м-р Катерина Шарковска- лиценциран интерпретатор на знаковен јазик, Андријана Шокларовска- текстови на Брајово писмо, Д-р Силвана Петровска-Насух- наратор; Михаил Марковски- подготовка на аудио и видео материјали и монтажа, Александар Котевски-камера; Горан Кочов-техничка обработка, Сашо Ружин- фото и озвучување;

Консултант: Весна Софрониевска- Здружение на слепи лица; Кочо Рацин Битола Мобилност Битола, Членови на Балканска музејска група за пристапност. @Museumforall, Balkan Museum Network