• Име на предметот: Мермерен релјеф со претстава на лав, непознат автор.
  • Датација: II-III век нова ера.
  • Потекло: Хераклеа Линкестис, Битола
  • Материјал/техника: мермер, клесање
  • Димензии: 33,5 х 43,5 х 8 см.

Кратка приказна:

Релјеф е скулпторска техника кај која прикажаниот лик или предмет не е поставен слободно во просторот туку е врзан за рамна површина, воздигнувајки се од истата како испакнување. Според степенот на испакнување се разликуваат два главни видови на релјеф: низок релјеф, кој е површински и незначително се издига над површината, и висок релјеф, со силно нагласена моделација на фигурите. Помеѓу нискиот и високиот релјеф постојат голем број на преодни форми.

За релјефи со поголеми димензии главно се користи камен, мермер, бронза, глина, додека за релјефи со помали димензии се користи слонова коска, скапоцени и полускапоцени камења, злато, сребро и др.

Релјефите служат за декорација на градби, односно предмети. Најстарите релјефи потекнуваат од Египет, Вавилон, Месопотамија. Во стара Грција со релјефни сцени биле украсени надгробните споменици, а на храмовите биле украсени фризовите.Во римската уметност релјефите најчесто се појавуваат на триумфалните капии, жртвениците, а во раното христијанско време на саркофазите. Во средниот век со релјеф се украсувале надгробните плочи, дрвените или бронзени врати на црквите и др.

Релјеф од бел мермер на кој што е претставен лав во движење.
Истиот е свртен кон десната страна. Главата малку е откршена, односно недостасува десниот дел од плочата. Над телото на лавот е вклесан натпис на старогрчки јазик во еден ред со висина на букви од 1,8 см.

Мермерен релјеф со претстава на лав, II-III век нова ера