• Име на предметот: Сад
  • Период/датација: 19 век
  • Потекло: Западна Европа/импорт
  • Материјал/техника: Порцелан/индустриско производство
  • Димензии: 16 х 10 сm.

Кратка приказна и опис:

Украсен длабок кружен сад на постолје, со потекло од 19 век. Садот е изработен од порцелан со глазура и на него, во средишниот дел е втисната слика со ликот на последната француска кралица Марија Антоанета, опшиена со декоративна рамка од флорални украси. Под сликата стои натпис на латиница: “MARIE ANTOANETTE”, а над сликата се напишани годините на раѓањето и смртта на кралицата “1755-1793”.

Сад, 19 век

Марија Антоанета во свое време била, а и донекаде сѐ уште е, истовремено најпопуларната и најомразената француска кралица. Нејзиниот екстравагантен начин на живот со трошење на пари на коцка, купување на раскошни фустани и скапоцен накит, реновирање на дворци и организирање на балови со нејзини љубовници додека Франција била на работ на банкрот, биле најголемата причина за да и бидат препишани овие епитети. Сепак, она што ја „прелило чашата“ е нејзината позната изјава кога и било кажано дека народот нема леб да јаде. Иако не е потврдено со историски докази и можеби никогаш и не ја изговорила, наводно таа рекла: „Ако немаат за леб, тогаш нека јадат колачи“.

Поради сето тоа, не е чудно што после погубувањето на Марија Антоанета започнале да се изработуваат разни предмети со нејзиниот лик, меѓу кои и покуќнински како што е нашиов музејски експонат. А конзулска Битола во тоа време како центар на Европска Турција ги следела будно сите големи историски настани и трендови во однос на украсувањето на раскошните градски ентериери.