• Име на објектот: Традиционален објект на улица Никола Тесла број 33 во Битола
  • Период/датација: крај на 19 век
  • Потекло: Изграден од домашни мајстори по примерот на балканско-ориенталната куќа за која денес го користиме терминот традиционална или фолклорна староградска куќа.
  • Материјал/техника: камен, дрвен материјал, кален и варов малтер.
  • Димензии: Куќата била долга 12 метра, а се состои од приземје и кат.

Кратка приказна (опис):

Оваа куќа се наоѓа во тесната уличка што води до ОУ „Кирил и Методиј“ и црквата Св.Богородица. Таа има централно поставена порта, низ која се влегувало во долг ходник кој води до дворот. Од двете страни на ходникот има по две соби и во него се сместени скалите што водат на спратот, на кој исто така има 4 соби.
Главната фасада, кон улицата, во приземјето има по два прозори лево и десно од влезната порта. На спратот има два еркери- тоа се исфрлени кутиести делови вон основата на објектот на кои се поставени по неколку прозори. Над портата на спратот, исто така има 2 прозори. Во ова куќа живеела фамилијата Мојсови, кои имале дуќан ан Пекмез Пазар, а во денешно време имаат позната аптека во новиот дел од градот – кои ја обновиле куќата кон крајот на 70-тите години. Куќата е нова, но е изградена по примерот на старите битолски куќи , изградени во Турско време под влијание на османлиската култура. Приземјето е изградено од камен, а спратот од бондручна конструкција. Тоа се дрвени греди поставени вертикално и косо, а меѓу нив поставен е полнеж од плитар – непечена тула. Ваквите ѕидови се малтерисани и варосани.

Традиционален објект на улица Никола Тесла број 33 во Битола
Период од кога потекнува куќата: Автентичната куќа која постоела на оваа локација потекнува од Османлискиот период. Османлискиот период е времето од доаѓањето на Турците Османлии во нашиот град 1385. (14 век) до нивното заминување во 1912. Овој период се карактеризирал со населување на нови народи со муслиманска религија кои доаѓале заедно со Турците во сите земји на Балканот кои ги освоиле Турците. Со доаѓањето на Турците градот го изменил својот лик, почнале да се градат џамии на оние места каде дотогаш имало цркви, да се градат чаршии и безистени од кои денес сочуван е само еден, месџиди- основни училишта, медреси- високи верски училишта и други објекти кои дотогаш не биле познати во градот. Куќите кои тогаш се граделе биле многу слични на погоре опишаната куќа, но имало и такви кои биле многу поголеми и ги викале сараи. Во нив живееле агите, беговите и побогатите турски чиновници и трговци. Ваквите куќи биле сместени во големи дворови, богати со зеленило – лозници, цвеќиња, овошни дрва, во нив имало бунари и мермерни чешми, а фамилиите поминувале голем дел од денот во нив со оглед на климата во нашево поднебје. Во 16 век во градот се населиле Евреите, покасно Грците, Власите, православните Албанци од Јужна Албанија и др. кои го создале мозаикот на народи кои живееле и твореле во нашиот град и го направиле вака убав и познат во целиот свет.