• Име на предметот: Часовник
  • Период/датација: 19 век
  • Потекло: Западна Европа/импорт
  • Материјал/техника: Порцелан, метал/индустриско производство
  • Димензии: 39 х 24 х 10 сm.

Кратка приказна и опис:

Луксузен порцелански часовник со практична и украсна намена. Часовникот бил набавен од Западна Европа и бил дел од градската битолска покуќнина во периодот на 19 и почетокот на 20 век. Формата му е крушковидна, а материјалот од кој е изработен е порцелан, со метален механизам и метални украси. Велиме луксузен поради застапените дводимензионални и тридимензионални декоративни елементи.

Часовник, 19 век

Порцеланот е насликан по целата површина и на него, под механизмот, се прикажани две големи гранки и крошна од дрво, а на едната гранка стои паун со спуштени перја и со клунот кине ливчиња од крошната.

Останатите украси се метални, три на број и преставуваат две глави на лав, поставени странично на часовникот, а додека пак над механизмот, изработен како мала скулптура, е позициониран голем орел со раширени крилја и насочен поглед во далечина. Орелот и лавот, двата вида се симбол за сила, моќ и супериорност и се сметаат за кралеви на птиците и животните, соодветно. Со овие украсни форми часовникот кој е дел од постојаната музејска поставка, меѓу останатите експонати делува токму така, моќно и кралски.

Текстот го подготвил:
Ефросинија Паревска
НУ Завод и музеј Битола