На 18.02.1934 година, по иницијатива на др. Антун Жегура, професор во битолската гимназија и господинот Иван Кањух, во свечената сала на Битолската општина се одржа собрание на кое беше решено, во Битола, чија околина е богата со бројни движни и недвижни споменици на културата, да се основа градски музеј. На ова собрание присуствуваа голем број јавни работници и видни граѓани од градот. Собранието го отвори др Антон Жегура кој во својот говор го истакна големото културно значење на формирање на музеј во овој град. По говорот на Др. Жегура, збор зеде господинот С. Сотировиќ, претседател на Општината, кој ја пофали идејата на господата Др. Антон Жегура и Иван Кањух и вети дека Општината ќе се погрижи за објектот во кој ќе биде сместен музејот. Потоа доби збор големиот љубител на антиквитети Будимир Борисавлевиќ адвокат, кој на присутните им покажа фотографии од археолошки наоди кои тој ги собирал во околината на Битола. На предлог од претседателот на Општината, господинот Сотировиќ, Собранието одлучи да се формира иницијативен одбор во кој влегоа: епископот г. Николај Велимировиќ, г. Илија Димитриевиќ, бригаден генерал, господинот Петар Лешнаревиќ директор на Гимназијата, во пензија, г. Буда Борисавлевиќ, адвокат, г. Антун Жегура, професорот г. Иван Кањух, г. Бранислав Василевиќ, околиски началник и г. Драгољуб Константиновиќ, околиски началник. Собранието на Иницијативниот одбор му постави задача да прибира историско етнографски предмети, сите видови оружје од разни војски (кои за време на балканските и Првата светска војна учествуваа во борбите на битолското подрачје), и да иницира одлука за формирање градски музеј во Битола, со што би се пополнила една празнина која одамна се чуствува во културниот живот на градот.
Врз основа на иницијативата, Одборот на Општината на град Битола, на својата втора седница одржана на 27.02.1934 година, во пет часот попладне во судската зграда под точка 7 од дневниот ред “Основање градски музеј” донесе одлука: цитат од записникот: “Да се основа градски музеј на Општината Битола и за оваа цел да се одобри кредит од непредвидените расходи во сума од 10 000 динари (десет илјади динари) која треба да се употреби за сместување и опремување на музејот, за истражување на музејски предмети, набавка на материјали и друго”. Музејот треба да биде општинска своина и да го носи името “Градски музеј на Општината на град Битола”. За периодот од неговото формирање до крајот на 1948 година, Музејот беше сместен во два приземни дуќани на ул. “Добривое Радосавлевиќ” (денес урнати), во чии простории во 5 соодветни витрини беа поместени монети од античкиот, римскиот и византискиот период, дополнети со одредени археолошки наоди од керамика, мермер, бронза и сл. Во Музејот во овој период се вработени две лица, еден раководител и еден чувар. За време на окупацијата, раководителот на Музејот, Петар Николиќ, во 1941 година емигрира во Грција така што во Музејот работеше само чуварот Гаврил Панчев. Во ваква положба Музејот останува и по ослободувањето се до крајот на 1948 година. За оваа состојба ни сведочи и писмото бр.53 од 15.01.1945 година, упатено до Народниот музеј во Скопје од страна на Градскиот НОО во Битола, со кое се бара враќање на инвентарните книги од 1940 година, за да се провери дали музејските предмети се на лице место или се отуѓени. Во 1949 година, на градското поверенство му беше доделен нов објект за музеј на ул. “Маршал Тито” бр. 25. (зградата на Отоманската банка, подоцна Солунска банка, Геолошко биро).
ул. Маршал Тито 25
Кон крајот на истата година за директор на музејот беше назначен Петар Мачкиќ.
Во 1950 година Музејот добива сопствен буџет што му овозможува да ја прошири својата дејност така што покрај нумизматичката збирка формира археолошка, историска и етнолошка, а својот фонд го збогати со нови 760 музејски предмети и за прв пат се појавува со две тематски изложби: “Социјалистичката изградба” и “Народноослободителната војна во Битолскиот крај”, кои беа посетени од преку 22000 посетители. Во 1951 година, Музејот се појави со две изложби:”Рудното богатство во Битола” и “Битола во XIX век”.
Во 1952 година, со одлука на Президиумот на Народна Република Македонија, Музејот во Битола се именува во Народен Музеј-Битола и како таков опстојува се до 1976 година.
Во истата година, Музејот се преселува во зградата на Данабаш, на ул. “Маршал Тито” бр.91 и подолго време функционира со 57 вработени.
Народен музеј – Битола 1952 – 76 година (Зградата на М. Данабаш)
Во периодот на 50-те години за музејот во Битола значајни се активностите во неговата собирачка и презентациска дејност, како и неговиот растеж во комплексен музеј. Позначајни изложби во овој период: 1952 година нумизматичка, археолошка и историската поставка, 1952 година “Репродукции од Леонардо Давинчи”; 1954 година, археолошка изложба од ископувањата во битолскиот крај и изложбата “Штетни обичаи и празноверија” (позајмена од Белград). Во оваа година за прв пат се прослави Неделата на Музеите. Во 1955 година, организирана е изложбата “Етнолошка граѓа” и “Репродукции од Ван Гог”. Во 1956 година се отвора етнолошката поставка и се формираат Праисториско и одделение за НОБ. При крајот на истата година, во урнатините на Ески Џамија во Битола, најдена е мермерната плоча на Јован Владислав.
До крајот на 50-тите години на минатиот век позабележителни се археолошките истражувања на праисторискиот локалитет Шуплевец и организаторските подготовки за систематски истражувања на архелошкиот локалитет Хераклеја Линкестис.
Колективот на Народен музеј Битола 1962 година
Интеграции до денешниот лик на установата
Шеесеттите и седумдесеттите години за Музејот значат еден континуиран развој со проширување на своите одделениjа: археолошко, историско, етнолошко, историја на уметноста, формирање фототека со сопствена фотолабораторија, богата, стручна библиотека кои што претставуваат темел и за денешниот музеј.
Тоа е период кога Народниот музеј Битола во соработка со Одборот за Хераклеја се грижи и раководи со истражувањата и конзервацијата на античкиот локалитетот Хераклеја Линкестис.
Одборот за Хераклеја со Одлука на Советот за култура при Народниот одбор на Општината Битола формиран е на 26.07.1961 година. Овој одбор како орган на управување на своите седници донесувал одлуки за актуелни прашања и проблеми поврзани со археолошките истражувања во локалитетот. Составот на Одборот се менуваше на секои 4 години се до 1986/7 година кога престанува неговата функција. За прв претседател на Одборот беше назначен Живко Василевски, тогашен претседател на Околискиот Одбор на ССРНМ. За секретар на Одборот беше Иван Микулчиќ, кустос во Музејот, а подоцна Петар Мачкиќ, тогашен управник на Народниот музеј Битола.
За членови на првиот Одбор беа именувани:
- Др. Јован Калаузи, лекар при Медицински центар-Битола
- Сотир Геракаровски, потпретседател на НО-Битола
- Благој Иловски, потпреседател на НО-Битола
- Гога Видимче, инг. при Општината Битола
- Др. Димитар Котевски, лекар при Медицински центар Битола
- Димитар Грданов, директор на Народната банка-Битола
- Нико Поп Никола, инг. агроном при Шумскиот институт на НРМ
- Ѓорѓи Димовски, професор во Гимназија Јосип Броз Тито Битола
- Петар Мачкиќ, управник на Народниот музеј-Битола
Народниот музеј Битола во овој период својата дејност и надлежност ја насочува кон грижата за сочувување на бројниот фонд движни и недвижни споменици на културата во Општината Битола.
Покрај бројните тематски изложби битно е да се напомене реализацијата на постојаната музејска поставка за народниот херој Стеван Наумов Стив, во неговата родна куќа на ул. “Пецо Божиновски” бр.11, на 4 јули 1961 година. Спомнатите музејски фондови секоја година се зголемуваа со стотици нови музејски предмети и фотодокументација. Годишната посетеност на музејските поставки е над 30 000 посетители, бројка на која можат да позавидат музеите и денес. Ова секако укажува на фактот дека Народниот музеј Битола во овој период зазема значајно место во културното живеење на градот и на Републиката.
На 05.06.1975 година со решение бр. 06 2907/1 Собранието на Општина Битола го оснoва Заводот за заштита на спомениците на културата и природните реткости Битола.
Со Одлука на работните луѓе од Заводот, Народниот музеј и Одборот на Хераклеја, потврдено преку Референдум, извршено е припојување на Народниот музеј и Одборот на Хераклеја кон Заводот за заштита на спомениците на културата, за кое е дадена согласност од СО Битола со решение бр. 06 5465/1 и 06 5459/1 од 04.10.1986 година. Вака формираната институција го доби називот Завод за заштита на спомениците на културата, природните реткости и музеј Битола. Со решение бр. 08 312/1 од 10.05.1983 година дадена е согласност за припојување на Уметничката галерија “Моша Пијаде” кон Заводот за заштита на спомениците на културата, природните реткости и музеј Битола.
Уметничката галерија во Битола е основана на 15.04.1958 год. со решение од Собрание на Општината Битола. Објектот во кој е сместена Уметничката галерија (Јени џамија) е изграден во 1558/9 година, за време на Махмуд Ефендија, како еднопросторна поткуполна градба со затворен трем, со слепи куполи, дограден и при поправката на објектот во XIX век. Заради својата целокупна декорација на ентериерот таа сама по себе претставува своевидно уметничко достигнување, забележителни се фајансните плочи околу главниот портал, извонредна фреско декорација со редок мотив пејзажи изработени во рококо стил, декоративна пластика во вид на сталактити (на школкитетромпите, под куполата), длабоката резба на главниот портал и дрвените врати на нишите, калиграфскиот натпис над порталот.
Со работата на Галеријата раководеше Управен одбор, а прв претседател беше Душко Петановски. Вработени лица во Галеријата со постојан работен однос беа:
- Доне Пановски-службеник,
- Борис Андреевски-директор (од 1964-1980),
- Лиљана Христова в.д. директор (1980-1982),
- Борис Начовски (1982),
- Љубинко Георгиевски,
- Николина Гравчева и
- Васко Георгиевски.
Со интегрирањето на галеријата се завршува процесот на трансформирање на овие посебни институции во една институција под полниот назив “Завод за заштита на спомениците на културата, природните реткости, музеј и галерија – Битола” или скратено “Завод, музеј и галерија-Битола“.
You must be logged in to post a comment.