• Име на предметот: Пафта дел
  • Период/датација: 19 век
  • Потекло: Македонија, изработка од локални мајстори (кујунџии)
  • Материјал/техника: Сребро и бакар, техника на лиење и исчукување
  • Димензии: Обем – 17 cм

Кратка приказна (опис):

Традиционалниот македонски накит и неговата изработка се израз на едно од највисоките уметнички достигнувања на македонските мајстори. Немајќи посебна шема за изработка, секој мајстор ја користел единствено својата фантазија и креативност во неговата изработка. Нашите мајстори својата инспирација ја црпеле од природата и нивната најблиска околина, па затоа како најзастапен мотив во изработката на традиционалниот македонски накит се растителните и геометриските форми. Начинот на негово користење бил и сè уште е различен кај мажите и жените. За разлика од машкиот накит, чија првенствена цел била да се покаже економската моќ и социјалниот статус на тој што го носел, функцијата на женскиот накит е истакнувањето на женската убавина.

Дел од Пафта - постојана поставка - НУ Завод и музеј Битола
Па така, пафтите како украс своето место го наоѓаат на женската половина, со цел нејзино нагласување. Изложената пафтата е дел од комплет пафти од 19 век, изработена од сребро и бакар. Бакарниот дел, кој е застапен на периферијата од пафтата и делумно во централниот дел е украсен со втиснати растителни украси. Пафтите како надополнување и доукрасување на женската носија се употребувале некаде се до почетокот на 20 ти век кога традиционалната селска и градска носија биле заменети со нов западен помодерен начин на облекување.

Close Menu
Accessibility