• Име на предметот: Уметничка слика „ Пејзаж“- современа уметност, автор: Борислав Траиковски, Битола
  • Период/датација: создадена околу 1985 година
  • Потекло: Депо за дела од современата ликовна уметност а изложена во одделот за современа уметност на – НУ „Завод и музеј“, Битола
  • Материјал/техника: ленено платно, маслени бои
  • Димензии: 100 x 80 см

Кратка приказна и опис:

Сликата е насликана од познатиот македонски автор Борислав Траиковски. Таа е од неговата зрела творечка фаза. Во долната половина на сликата се насликани житни полиња. На средина, во централниот дел од сликата се четири крошни од дрвја, без голема димензија. Зад нив две мали ридчиња и небо кое има слични линии како самите ритчиња – небото се спојува со позадината на сликата.

Уметничка слика „ Пејзаж“- современа уметност, автор: Борислав Траиковски 1

Пејзажот изобилува со радосни чувства, со богата вегетациjа – зрело жито, летна топлина, дрвја поврзани во речиси една целина.

Авторот овде ни пренесува не само радосно чувство, туку и мисловна зрелост, сигурно постоење низ богатата летна вегетација, небо кое е дел од целиот свет што е преполн со бујна вегетација.
Сликата е во таканаречениот стил – експресионизам, што значи претставување на внатрешните чувства на уметникот, неговата расположба, размислување за животот и за се она што не опкружува.

Сликата има и доста симболи – дрвјата кои се цврсто поврзани, ритчињата кои се споени со небото, тенките бразди меѓу летното зрело жито. Сите тие елементи претставуваат одредена симболика преку кои авторот сака нешто да ни пренесе, да ни каже, да сподели со нас. Сликата е еден вид разговор со луѓето – разговор за животот и за богатството на летната израстена природа.
Сликата е изложена во одделот за современата ликовна уметност – Легатот на Борислав Траиковски, каде што е претставена историјата на современото сликарство во Битола и Македонија. Ова е важно за следење на развојот на културата и творештвото во Битола.

Текстот го подготвил:
Владо Ѓорески
НУ Завод и музеј Битола