• Име на предметот: Римон –држач за тора
  • Период/датација: Крај на 19ти – почеток на 20ти век
  • Потекло: Пронајден во рушевините на една од многуте битолски синагоги
  • Материјал/техника: Посребрен метал/техника на лиење, исчукување, гравирање и процесирање
  • Димензии: 26 х 9 см.

Кратка приказна и опис: Римон или „Римоним“ кога се работи за пар, е хебрејски назив за украсните држачи поставени на Светото писмо на Евреите – Тората.

Тора на хебрејски значи совет, поука или закон и ги претставува првите пет книги од Библијата. Таа јавно се чита во еврејските храмови – синагоги во сабота, како и во понеделник, четврток и на еврејски празници. Ова ритуално читање се прави од специјално рачно напишан свиток или ролна дизајнирана токму за таа цел. Свитокот секогаш се украсува со споменатите скапоцени украсени држачи „римоним“, кои се еден вид на сведоштво и доказ за светоста на Тората како жив Божји збор.

Римон – држач за тора, крај на 19ти – почеток на 20ти век

Претставениот римон е изработен од посребрен метал со димензии 26 x 9 см и е во форма на калинка со долга шуплива рачка, која се поставувала на Тората. Римон во превод на хебрејски значи калинка, форма која често се рефлектира во формата на украсните држачи, како што е прикажаниот предмет.

Овој римон со форма на калинка, е декориран со растителни изгравирани украси во форма на цветови и алки на кои биле прикачени украсни ѕвончиња. Ѕвончињата се користеле така што кога Тората била изнесена од Ковчегот за читање, присутните во храмот да го слушнат нејзиното „присуство“, да престанат со своите приватни молитви и да се посветат на службата и на обредното читање. Предметот на врвот има натпис на ладино јазикот на Сефардските Евреи, кои со векови живееле во Битола, кој за жал, сѐ уште не е преведен.